По потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, странските политичари Македонија ја сметаа за пример на решавање на меѓуетничките односи. Но, години подоцна, поделени се оценките дали земјата може да даде импулс во регионот за решавање на секогаш емотивните односи меѓу заедниците. На оваа тема се дебатираше на првата радио – дебата од проектот „Дебатирањето менува“ на Диверзити медиа емитувана на Радио МОФ.
Албанските политичари од македонската влада ги интензивираа средбите за да го придвижат „подзаборавеното“ прашање на името. Од владејачката ДУИ велат дека има напредок бидејќи се разговара за модалитетите на решавање. Во македонската јавност, пак, според професорот Стево Пендаровски, имаше лош прием на иницијативата со погрешни толкувања.
„Внатрешните наши непријатели се имаат здружено со надворешните душмани и што може добро да произлезе за оваа Македонија од тоа еден Албанец и еден Грк да разговараат за нашето име?! По погрешен прием на оваа тешка, сложена равенка јас не можам да смислам и тука е проблемот на етничкиот македонски лидерски водечки политички камп, кој мора да објаснува “, рече Пендаровски.
На зголемените активности на ДУИ во процесот на решавање на прашањето за името реагираат и етничките Албанци, вели портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.
„Секогаш реакциите на Албанците се: „Зошто вие се занимавате со тоа прашање? Вие занимавајте се со прашањата на Албанците“. Ние немаме никаков партиски интерес за решавање на темата на името, туку само го следиме државниот интерес“, посочи Османи, според кого Албанците не се емотивно засегнати со името како Македонците и тие кон тоа прашање пристапуваат трезвено.
Сепак, според Пендаровски, преовладува јавното мислење дека решавањето на името е работа на македонските, а не на албанските политичари. Ова е погрешно, смета тој, бидејќи конечно албанските политичари покажаа подготвеност да излезат од тесните интереси на својот етникум, а тоа треба да го направат и македонските партии.
„Нема друг начин за Македонија. Ако Албанците перманентно, нон – стоп продолжат да зборуваат само за етничките права, имате контра реакција кај Македонците, кои велат – „добро, до кога, што уште?“. Македонците треба да зборуваат за таа сфера за да бидат кредибилни, а Албанците треба за тоа, но и за друго, на пример за инвестиции“, изјави Пендаровски.
Во едни вакви констелации, последните години по конфликтот во 2001 година, заздравените меѓуетнички односи се соочија со можното оживување на идејата за Голема Албанија. Пендаровски и Османи зборуваат за реалноста и за последиците по односите преку концепт на регионализација.
„Македонците се плашат од овој концепт. Тоа знам бидејќи сум бил лично на преговорите во 2001. Меѓутоа, точка број еден: европските региони се стар демократски концепт. И второ: сум за тоа, но, да не се користи, и верувам дека нема да се користи како претекст за создавање на нови политички ентитети“, е ставот на Пендаровски. Османи уверува:
„Спојувањето и соработката на Албанците и живеењето заеднички на сите Албанци во регионот го гледаме со влегување на сите овие држави во Европската унија“.
Јавното мислење дека граѓаните Македонци и Албанци имаат добар соживот , што политичарите го расипуваат, е погрешно, е ставот на соговорниците на Диверзити медиа. Како што велат, политичарите произлегуваат од базата (од народот) и во наредните педесет години не може да се очекуваат политичари кои што ќе бидат поинакви.
Pogresna slika za zaednickiot zivot by Diversity Media on Mixcloud