Само 6 основци биле позитивни на Ковид-19 од вкупно тестирани 1.323 ученици во склоп на скринингот за основните и средните училишта, информираше денеска Министерството за здравство (МЗ).
Како што додаваат од МЗ, ова е првиот пресек од скринингот кој го вршат Центрите за јавно здравје во 496 средни и основни училишта ширум државава. Досега се тестирани 725 основци и 598 средношколци.
„ЦЈЗ при детектирање на позитивен ученик, постапуваат согласно донесениот Алгоритам за училиштата во случај на појава на ученик со симптоми или сомнителен на вирусот. За поголем дел од Центрите за јавно здравје скринингот завршува утре, а крајните резултати Центрите мора да ги испратат најдоцна до средината од следната седмица“, велат од МЗ.
Дополнително, по обработката на податоците, од МЗ најавуваат дека ќе ја објават целосната анализа со што ќе се добие, како што велат, генерална слика за присуство на Ковид-19 меѓу учениците во училиштата. Инаку, скринингот на учениците започна на 20 октомври.