Академик Владо Камбовски е новиот ректор на универзитетот ФОН, по одлуката која денеска ја донесе Сенатот на универзитетот. Досегашниот ректор, професорот Александар Николовски, ќе биде директор на докторските студии на ФОН.
Сенатот реши професорот Симе Арсеновски да биде проректор на универзитетот, Катерина Апостолска нов декан на Факултетот за дизајн и мултимедија и Зоран Гацовски за нов декан на Факултетот за информатика.
Кадровските промени на универзитетот се извршени согласно петгодишната стратегија на ФОН за приближување кон Лисабонската агенда и стратегијата за регионален развој, соопшти универзитетот.
Владо Камбовски е експерт по кривично право, долгогодишен професор на Правниот факултет на УКИМ и поранешен министер за правда во Владата на Република Македонија. Тој во моментов ја извршува и функцијата претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), чијшто член е од 2006.