Радио МОФ почна со нова рубрика #РаскажиМи, каде секој петок во неделата објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Нема услови за расказите, освен тие да бидат на македонски јазик.
Овој пат во рубриката #РаскажиМи го објавуваме расказот „Вторник“ од театрологот, писателка и редовна професорка на ФДУ, Ана Стојаноска. Таа предава група предмети поврзани со теоријата и историјата на македонската и светската драма и театар, а истовремено е раководителка на третиот циклус докторски студии на Факултетот за драмски уметности – Скопје.
Стојаноска дипломирала Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје (2001). Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007).
Работела како координатор во Институтот за театрологија при ФДУ (2001 – 2011). Активно се занимава со истражување и проучување на драмата и театарот. Специјализирала театарска музеологија.
Авторка е на „Лебед“ (роман, Полица, 2021), „Трогледало“ (драма, 2020, објавена во изборот на ЕУРОДРАМ, Нова македонска драма); „Потпис: Трепетлика“ (збирка поезија, Три) и „Антево перо“, 2020, (за која ја доби наградата Антево перо за 2020), „Јас и Лин, отпосле“ (роман, Блесок, 2016; за која ја доби наградата Рациново признание, 2017 и финалист за Роман на годината и второ издание, Култура, 2019), „Дијалози во еднина“ (Култура, 2019), „Театар – предизвик: Студии и есеи’ (УКИМ, 2018), „Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер“ (монографија, ФДУ, 2014) и „Македонски постмодерен театар“ (монографија, ФДУ, 2006).
Приредувачка е на „Драми од Дејан Дуковски“ (Проартс, 2002) и „Современа македонска драма“ (Микена, 2008). Нејзината монодрама „Стаклен лампион“ е праизведена во продукција на „Театра“ – Скопје, 2013.
Авторка на деведесет студии и есеи објавувани во македонската и странската периодика, како и коавторка на неколку театарски монографии. Во 2019 година стана член на Друштвото на писатели на Македонија. Членува во повеќе здруженија и организации фокусирани на истражување на книжевноста и театарот. Пишува постојано, не сакајќи да се „вкалапува“ во ниту еден жанр (научен или книжевен), затоа пишува и проза и поезија и драмски текстови.
Во продолжение прочитајте го расказот „Вторник“.
Вторник
Ги мијам рацете нервозно. Повлекувам од сапуницата низ прстите и неволно погледнувам во огледало. Ги тријам уште повеќе рацете. Сеќавам како ми налутуваат излитените делови кожа. Наследството од баба ми. Оваа кожа што сеќава сè и сведочи сè со рани. Пак му се враќам на огледалото. Го подзабришувам. Се гледам. Имам уморни очи (кутрите мои очи не можат ништо да скријат), мала нова брчка меѓу очите (се мрштам премногу во последно време), устата уште го има црвенилото, но очите… Ја затворам чешмата. Слушам како однадвор тече денот. Ми се меша со ритамот на срцево. Поточно со артимичноста на срцево. Вдишувам. Се подискарувам себеси дека заборавам да дишам, дека одвреме на време толку ме зема денов што заборавам дека треба да вдишам и издишам. А лесно е. Или тешко. Излегувам од купатилото и влегувам во кујната. Ручекот. Ќе го заборавев. Гледам во ѕидот, пак ми оставил порака напишана со ракопис толку убав што секогаш го мешаат со женски „има вода во вазната”. Така пишува. На фрижидерот уште една лепенка со негов ракопис „убава си, насмеј се”. „Како не убава”, си промрмлав низ нос и почнав да мешам во тавчето. Нешто ме влече по нозете. Гледам мачката сака да присуствува на моето готвење „Дена, оди те молам, треба да го завршам ручекот” и зборувам малку налутено, како таа да ми е крива дека седам дома и не можам да си ја работам работата. Кој знае и кога ќе можам да си ја работам работата. Веќе не го бројам денот по ред од ова затворање. Готвам и чекам да се врати. Додека броев знам дека изброив 128 денови од првиот војник што влезе во градот и не затворија секој по дома. Сега може има и 1288 денови, ама мене ми е небитно. Тој оди да купи нешто кога ќе може, а јас седам дома и готвам. Мачката пак ме повлекува за нозете „Дена, те молам, остави ме, после”, како да ќе ме остави. Наслушувам дали доаѓа. Кој ден е не се сеќавам, паметам само дека има денови кога доаѓа подоцна. Можеби е вторник денеска. Тогаш има слободен премин кон пазарот, може заглавил таму. Го исклучувам шпоретот и одам да ги измијам рацете. Одеднаш се смрзнува градот. Не дека до пред малку беше бучно, ама од време на време, некој звук ми докажуваше дека има живот околу мене. Јас не го сведочам животот поинаку од оној ден на работа, кога во лабораторијата влезе обезбедувањето и ме замоли да си одам дома. Оттогаш животот го слушам однадвор или од неговите раскажувања. Но, сега, сега умре секој звук. Ме фаќа паника. Срцево ќе ми потскокне и застане. Се вртам кон влезната врата и на неа пак има негов лист „Диши!”, не можам да вдишам, каде е звукот? Ја нема и мачката. „Дена, Дена”, мислам дека викам по неа, ама устава во празно ми се отвора. Се фаќам за градите како да можам силум да ги натерам да се придвижат. Нема звук. Никаков. Нема ни тишина. Како да сум во вакуум си велам и веќе почнува паниката да ме победува. Вторник е, викам гласно со надеж дека ќе го победам беззвучието. Не можам. Блесокот од прозорот ми го затвора мозокот.
*
Ги мијам рацете нервозно. Повлекувам од сапуницата низ прстите и неволно погледнувам во огледало. Ги тријам уште повеќе рацете. Сеќавам како ми налутуваат излитените делови кожа. Зошто толку лошо смрди однадвор се мислам додека се гледам во огледало. Излегувам од купатилото и влегувам во кујната. Го барам неговото ливче на ѕидот. Нема ништо. Панично гледам кон фрижидерот.
(Од „Некои необјавени раскази”)