#РаскажиМи: „Под старата јаболкница“ – Сузана Ѓорѓиевска

Радио МОФ почна со нова рубрика #РаскажиМи, каде секој петок во неделата објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Нема услови за расказите, освен тие да бидат на македонски јазик.

Овој пат во рубриката #РаскажиМи го објавуваме расказот „Под старата јаболкница“ од  авторката Сузана Ѓорѓиевска.

Таа е родена во Прилеп, во 1961 година. Основно и средно образование завршила во родниот град, а новинарство студирала во Скопје. Денес живее и работи во Прилеп.

Нејзини објавени дела се стихозбирката „Сенки“ (1997), монодрамата „Мегдан“, која е објавена по конкурс за монодрама на Дом на култура, Битола, (2003), стихозбирката „Срна“ (2005), романот за деца „Сонувачот, купувачот и уште нешто (2008), збирката раскази „Влегување во песната“ (2019), стихозбирката „Уплавната вода, тагата“ (2020) и „Спортска му е мајката“ (Стремеж, 2020)

Во продолжение прочитајте го расказот „Под старата јаболкница“.

Под старата јаболкница

Безветрен ден. Не мрда ништо, само воздишките меѓу лозите – моите трудни од бездетна самотија, неговите – од кусиот ден кус за сѐ.

***
Се подистави, ама бадијала. Очите едно – две ѝ бегаа накај него. Милуваше да ги гледа неговите силни раце и набрекнатите жили дури ги позема подадените кошници полни со гроздови. И не само рацете. Туку и вратот и рамената ишарани со браздички пот, светнати и вцрвенети како тогаш, кога клекната на колена крај коритото, примижуваше де од надворешни де од внатрешни жештини, триејќи му ги плеќите. Рамениците и градите ја напина кошулата. Сѐ на него беше збувнато. Време за здивнување, помисли, и подавајќи му го кошничето недополнето рече:
– Ко да е речук доба?! Ш’о велиш, да поткасниме нешто под јаболкница?!
Очите пиеја од неговите. Тој, гледајќи се во нејзините очи како во поилото средсело, полека го прошета јазикот по горната и долната усна пред да ја соедини својата со сенката од јаболкницата. Срцето ѝ зарипа. Десната рака ѝ избега под гуша. Прстите се разиграа поместувајќи ги јаките поваму-потаму и запреа на студеникавата испупченост од најгорното петличе. Најгорната илика му избега на петличето. И иликата по најгорната илика зина празна. Облаче од ноктец, сапун и пот му се пикна под нос. Цицките, како диња пресечена на две, му рипнаа пред очи. Побара ветер низ гранките на старата јаболкница и бришејќи ја со ракавот тантелата капки, која му засветка под мустаќ, посегна по бардакот потпрен на нејзиното бедро. Раката го сети бедрото. Колку да го полазат морници. Колку да го зачеша под појас. Јазикот непрестано шеташе по усните. Зборовите заглавија в грло.
– Ајде раскрши ја погачава! – го помоли земајќи го бардакот од неговата рака. Седната на крајот од софралакот, не чекајќи одговор ниту парче погача, блисна вода врз шамијата и неисцедена ја прошета по вратот намовнувајќи од капките кои ѝ полазија по снагата и отспреди и одзади. Тој посака да биде капка. Капка во процепот меѓу нејзините дојки. Поткасувајќи ја долната усна се запули во погачата. Погачата му се стори, не погача, ами… Ја подотвори устата и не ја затвори. Подзина и подзинат остана небаре не видел шамија натопенета, кожа намовната.
– Јас ќе се собујам! Да го истресам лозјето од чорапите! Ти почни, јади! –говореша таа, кревајќи го коленото до гради. Левата страна на тешкото здолниште се слизна по бедрото. Тој ги гледаше рацете како го издуднуваат ластикот кој го држеше чорапот на левата нога и подголтнуваше. Ластикот легна меѓу нејзините нозе врамувајќи ја цела жолтата круша навезена на софралакот. Чорапот, виткан како ѓеврек, се лизгаше по белата кожа минувајќи галежно преку тенките руси влакненца разбудени од здивот на сенката. Чекајќи поттргнување со показалецот од десната рака мекиот ѓеврек меко го пови глуждот. Потоа и десната страна на тешкото здолниште се израмни со левата. До врамената круша легна ластикот од десната нога. На софралакот, меѓу белите вити нозе секојпат за око и сонце покриени, овој горе-долу прекршен круг собра половина црвено јаболко педа подалеку од крушата навезено. Чорапот на десната ненавикнат без чорапот од левата нога повјаса да стане ѓеврек. Тој се вџаши. Голтна и зборови и плунка и мисли за лозје недобрано, па се вовре меѓу ластиците, како конец низ иглени уши, и ги згмечи ѓевреците. И не само ѓевреците.
Во сенката на јаболкницата погачата остана нераскршена.

***

Безветрен ден. Не мрда ништо, само ние под старата јаболкница.