Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) побара од пратениците веднаш да ги усвојат сите заглавени законски решенија кои се однесуваат на остварување и унапредување на работничките права, во спротивно најавија дека ќе повикаат на генерален штрајк.
Тие уште еднаш ги повторуваат нивните барања – веднаш да се усвои законското решение за недела неработен ден, онака како што е усогласено меѓу социјалните партнери. Носење нов Закон за работните односи со кој ќе се решат проблемите со договорите на определено време, прекувремена работа, работата од дома и слично, како и итно зголемување на платите, поради ценовниот шок кој предизвика зголемувања животните трошоци. Дополнително бараат и зголемување на минималната плата на најмалку 60% од просечната плата и сите останати плати согласно коефициентите на сложеност на работните места утврдени во колективните договори по дејности.
„Доколку и понатаму пратениците останат глуви на нашите барања, ССМ ќе побара да се донесе одлука на највисоките органи и тела во сите синдикати здружени во ССМ за да се повика членството и сите работници на генерален штрајк. Пратениците пред нивните интереси да го имаат прво интересот на работникот, зошто истиот повеќе не може да ги толерира и трпи овие политички игри што се прават врз грбот на работниците и своите работнички права ќе ги бараат на улица преку генерален штрак, зошто тој, работникот е срцето и движечката сила на економијата од која се гради и опстојува Државата“, велат од ССМ.
Сојузот додава дека работниците се доведени на работ на егзистенција и немаат време да чекаат дополнителни месеци за носење на законите кои директно влијаат на нивната социјална сигурност и работничките права.
„Ако во Државата сè застанува за време на кампањи и избори, тогаш и работникот ќе биде принуден да застане и да се исправи пред неправдите кои му се прават. Очигледно дојдено е времето подадената рака на работникот денес, да стане стисната тупаница“, заклучуваат од ССМ.