Пандемијата на коронавирусот доведе до значително зголемување на количината на пластичен отпад ширум светот, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Според една проценка, околу 8.4 милиони тони пластичен отпад во 193 земји биле создадени за време на пандемијата до август, наведуваат експерти од Кинеската академија на науките во Зборникот на Националната академија на науките на САД.
За споредба, според Програмата за животна средина на ОН (УНЕП), човечкиот вид произведува околу 300 милиони тони пластичен отпад годишно.
Тим научници предводени од Јиминг Пенг и Пеипеи Вуа проценуваат дека најголемиот дел од пластичниот отпад произведен за време на пандемијата на коронавирусот доаѓа од болниците, околу 87.4 отсто, особено во азиските земји.
Маските и другата заштитна опрема за лична употреба сочинуваат 7.6 отсто од отпадот, покажува студијата објавена вчера. Отпадот вклучува и амбалажа во која се доставуваат нарачки направени преку интернет, со 4.7 отсто.
„Пластичниот отпад му штети на морскиот живот и стана главен еколошки проблем. Пандемијата со Ковид-19 доведе до зголемена побарувачка за пластика за еднократна употреба што го зголемува притисокот на глобалниот проблем со пластиката кој е веќе надвор од контрола“, пишуваат научниците.
Досега веќе 25.000 тони пластика кои се генерирале поради пандемијата завршиле во светските океани. Ова претставува долгорочен проблем за морската средина.
Научниците повикаа на подобро управување со проблемот со медицинскиот отпад во време на пандемија, особено во земјите во развој.