Обединетото Кралство кое е домаќин на Конференцијата на Обединетите нации за климата КОП26 во Глазгов, објави нацрт-договор за кој ќе се преговара на самитот во следните неколку дена, а со кој се бара земјите да ги зајакнат своите национални климатски планови до крајот на 2022 година, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Во првиот нацрт од државите се бара „да ги преиспитаат и зајакнат целите за 2030 година во нивните национално определени придонеси, колку што е потребно за да се усогласат со температурната цел на Парискиот договор до крајот на 2022 година“.
Исто така, во нацртот се потсетува и дека според Парискиот договор, државите можат во секое време да дадат нови, поамбициозни климатски ветувања и за првпат ги повикуваат земјите постепено да ги укинуваат субвенциите за јаглен и фосилни горива.
Внимателно се следи што би можело да ги обврзе земјите да направат за да го премостат јазот помеѓу нивните сегашни климатски цели и поамбициозното делување за кое научниците велат дека е потребно за да се спречат катастрофални нивоа на загревање.
Дипломати од речиси 200 земји претставени на КОП26 ќе преговараат за финалниот текст кој сите би биле спремни да го потпишат кога самитот ќе заврши.