На крајот на важната климатска конференција во Глазгов, генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ги осуди „празните“ ветувања во светот кој сè уште зависи од фосилните горива, и покрај некои оптимистични знаци, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
„Ветувањата звучат празно кога индустријата на фосилни горива продолжува да добива илјадници милијарди субвенции (…) и кога земјите сè уште градат електрани на јаглен“, рече Гутереш, признавајќи дека од почетокот на КОП26 на 31 октомври сепак се забележани „знаци на надеж“.
Околу 20 земји се обврзаа дека до крајот на 2022 година ќе го прекинат финансирањето на проекти за фосилна енергија во странство, околу 40 земји издадоа изјава за претворање на јагленот во чиста енергија, а вчера некои земји формираа и коалиција за да се откажат од употребата на нафта и гас. Овие промени беа пофалени од голем број невладини организации, меѓутоа, предупредија на отсуството на големите земји производители.
Прашањето за енергија од фосилни горива е едно од спорните прашања во првата верзија на конечната одлука подготвена од британското претседателство на КОП26, која повикува на „забрзување на напуштањето на јагленот и финансирањето на фосилните горива“.
За остатокот од предлог-текстот немаше договор, па преговарачите на двесте земји имаат уште многу работа до денеска во 18 часот, но и потоа.