Француската електроенергетска компанија ЕДФ денеска соопшти дека практиката на исклучување струја на граѓаните кои не ги платиле сметките ќе ја замени со испорака на струја со помала моќност, пренесува „Н1“.
Владата им забрани на добавувачите да им ја исклучуваат струјата на граѓаните кои не ги платиле сметките во период на „зимското примирје“ од 1 ноември до 31 март за да се обезбеди снабдување на домаќинствата со зачувување на нивната куповна моќ за време на големиот скок на цената на струјата и плинот.
Париз во октомври објави дека на домаќинствата со пониски приходи ќе им исплати по 100 евра за да им помогнат да се справат со зголемените цени на енергијата, особено горивото.
Државната ЕДФ сега објави дека од 1 април идната година, по истекот на „примирјето“, повеќе нема да ја исклучува струјата на граѓаните кои не ги платиле сметките, туку ќе ја намали моќноста на загарантирано минимално ниво.