Третина од средношколките отсуствуваат од настава кога имаат добиено

Над една третина од средношколките (37 отсто), отсуствувале од училиште поради менструација. Дури 65 отсто од нив воопшто не зборуваат на оваа тема затоа што е срамота. Сепак, 81 отсто од средношколките се согласни дека училиштата треба да имаат достапни бесплатни влошки или други производи за менструална хигиена.

Ова се дел од заклучоците на новата студија за пристап до менструална хигиена во Република Северна Македонија на која работеа Здружението на граѓани за промоција на женската активност „Тииииит! Инк.“ и „Реактор – истражување во акција“. Тие вклучија 307 ученички од 20 училишта низ државата во нивното истражување.

Нивните податоци покажуваат дека 79 отсто од средношколките одговориле дека во тоалетите во нивното училиште нема секогаш сапун и тоалетна хартија, 22 отсто одговориле дека во тоалет кабините во нивното училиште нема чешма за миење раце. Само 6 отсто од средношколките потврдиле дека во тоалет кабините во нивното училиште има закачалки или полици.

При првата менструација, пак, опишале дека се чувствуваат збунети и уплашени.

„Очекувано е да се чувствуваат збунети и уплашени затоа што не разговараме за ова, само 9 отсто потврдиле дека имале предавање или разговор со класен раководител. Исто толку со педагог или психолог во училиштето. А, ако било нешто организирано, тоа било од граѓанска организација или имале предавање од лекари“, рече Васка Лешоска, истражувачка од „Реактор“.

Понатаму во студијата се споменува и моментот дека 58 од испитаните средношколки некогаш и се уште се обидуваат да ги скријат влошките кога одат во тоалет или кога ги купуваат во продавница. Ова според Лешоска се случува бидејќи девојчињата се воспитувани дека е срамота да се гледаат менструалните производи.

„Нема јавно достапни влошки во училиштата. Ако заборавите влошка треба да си одите од часови. Исто така, ако ви се случи да ви протече, пред да ви се смеат сите, исто така ќе си заминете од училиште“, укажа таа.

Според Лешоска, за менструацијата мора да се зборува отворено бидејќи како што истакна – менструалната правда е предуслов за социјална правда.

Извадок од студијата

Ова го потврдува и искуството кое го имале членките на неформалната група „Период Скопје“ кои помогнале во анкетирањето на средношколките. Тие пред се морале да имаат согласност од родителите, но потешкотии наишле воглавно кај администрацијата на училиштата.

„Иако голем дел од образовните институции со кои стапивме во контакт и ја примија поканата беше малку потешко да ги мотивираме да го споделат ова со ученичките“, спомна Теодора Милеска.

„Некогаш и самите родители не дозволуваа да биде пополнета оваа анкета“, надополни таа.

Еден од предизвиците, забележа Милеска бил и моментот што училиштата не чувствувале дека имаат капацитет да учествуваат во анкетата поради оптовареноста со работа за време на онлајн наставата заради ковид пандемијата.

За влошки и за кетонали во текот на животот се трошат над 3000 евра

Од пресметките што ги направиле, државата би ја чинело 0,08 проценти од Буџетот  за да обезбеди бесплатни производи за менструација во училиштата по куповната цена.

„Никогаш не сфатив за нешто што природно ни се случува со телото дека ќе имаме дополнителен месечен трошок“, забележа Лешоска.

Здружението на граѓани за промоција на женската активност „Тииииит! Инк.“ и „Реактор – истражување во акција“ направија и онлајн анкета во која вклучија 2696 жени и девојки.

Кога станува збор за трошоците врзани со менструалната хигиена, 77 отсто од анкетираните жени трошат од 100 до 400 денари месечно, или во просек околу 265 денари. За една година тоа изнесува 3186 денари, додека за цел живот, ако репродуктивниот период трае од 12 до 52 години, една жена тоа би ја чинело 127 459 денари.

Покрај ова, 71 отсто од испитаничките користат лекарства за менструална болка, така што за нив се трошат просечни 150 денари месечно, годишно 1802 денари, а за цел живот 72 110 денари.

„Една жена со минимална плата треба да работи една година и два месеци од својот живот само за да си ги исплати трошоците поврзани со менструацијата и лекарствата против менструална болка. Но, не сите имаат плата. Според официјалната статистика 45 отсто од жените и девојките на возраст од 15 до 64 години се вработени. Тоа би значело дека 55 отсто се невработени или економски неактивни. Овие жени и девојки се зависни од приходите на домаќинството и најверојатно за влошки бараат пари од машкиот член од семејството“, посочи Лешоска.

На влошките и другите средства за менструална хигиена данокот на додадена вредност во моментов изнесува 18 отсто, иако речиси сите учеснички во истражувањето се согласни дека целосно би поддржале ослободување од ДДВ или намалување на даночната стапка од 18 на 5 отсто, за да се намали цената.

Најголем дел од жените не се свесни за менструалната сиромаштија

Дури 71 отсто од испитаните жени и девојки не слушнале за менструална сиромаштија. Ова според Лешоска кажува дека не се зборува за менструацијата, бидејќи како што посочи, за да се зборува за менструација е срамота.

Наспроти ова, речиси секоја трета учесничка во истражувањето одговорила дека барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи и тоалетна хартија. Половина од нив и повеќе пати.

„Живеам во рурална средина и до пред неколку години во локалната продавница кога некој ќе купеше влошки ги замотуваше во весник, бидејќи да се во проѕирна најлонска кеса е срамота“, гласи едно од сведоштвата.

На ова се надоврзува податокот дека 67 отсто од испитаничките биле воспитувани дека е срамота ако им се случи да им протече или има дамки од менструација на облеката, а 53 отсто се изјасниле дека чувствуваат нечисто кога имаат менструација.

Надлежните се подготвуваат за нови национални документи

Досегашната Стратегија за сексуално и репродуктивно здравје важеше од 2010 до 2020 година, а носител беше Министерството за труд и социјална политика.  Сега треба да се започне подготовката на нов ваков документ. Надлежните уверуваат дека се подготвени за изработка на овој документ и при тоа ги повикаа граѓанските организации да се вклучат во процесот.

Е.П.