Во Кинотека на Македонија на 18 ноември (четврток) од 18 часот ќе се одржи проекција на филмот „Проблемот на Тина“, по што ќе следи дискусија со сценаристката Румена Бужаровска, д-р гинеколог акушер Миле Тантуровски и Мери Цветковска од ХЕРА.
Режиран од Радован Петровиќ според сценариото на Бужаровска, филмот раскажува за искуството на 22-годишна девојка која за првпат оди на гинеколошки преглед.
Организаторите на настанот велат дека работата на терен секојдневно ни потврдува дека безмалку секој млад човек се соочил со непријатно искуство кога станува збор за сексуалното репродуктивно здравје и права.
Иако најчесто се добронамерно кажани, велат тие, митовите, народните лекови и поставувањето дијагнози „од ракав“ во најмала рака можат да бидат причина за многу инфекции/болести, па дури и изгубени животи.
„Недостигот на информации за сексуално и репродуктивно здравје, немањето пристап до контрацепција, скапите контрацептиви, стигматa за одењето на гинеколог, дерматовенеролог или уролог, како и осудата од општеството и социјалните разлики се само дел од проблемите со кои се соочуваат младите кај нас. Ваквите искуства влијаат на нивното психо-физичко здравје, а последиците може да се провлекуваат низ целиот живот. Како можеме да им помогнеме? Како да ги заштитиме?“, стои во најавата за настанот.