„На крајот од КОП26, лидерите од Западен Балкан мора целосно да се посветат на нивните меѓународни обврски за ублажување на климатската криза, предупредуваат експертите за животна средина. Регионалните лидери треба да ги спроведат своите политички ветувања и да се посветат на силна зелена агенда за Западен Балкан. Деструктивните ефекти на климатските промени, заедно со целото присутно токсично загадување на воздухот, се почувствувани низ целиот регион, а луѓето ја сносат цената на неефективните и бавни владини активности. Пораката е јасна – сите влади мора да постават фиксни и амбициозни временски рамки за постепено укинување на употребата на јаглен. Силните национални политики, со акциони планови, се столбот на обезбедувањето праведна енергетска транзиција, истовремено спречувајќи ги климатските промени и нивните влијанија“, се вели во заедничкото соопштениена еколошките активисти од Западен Балкан, по завршување на самитот КОП26 во Глазгов.
Во продолжение, соопштението ви го пренесуваме во целост:
Белград, Подгорица, Приштина, Сараево, Скопје, 13 ноември 2021 година – Минатата недела повеќе од 40 земји ширум светот се обврзаа постепено да ја укинат употребата на јаглен како дел од клучните преговори за КОП26. Од Западен Балкан, само Северна Македонија е на оваа листа, и покрај повеќекратните политички обврски преземени од сите регионални лидери за ограничување на емисиите. Она што е итно потребно е јасна политичка амбиција и акција за да се постигне долгорочната заложба за декарбонизација до 2050 година. Еколошките организации од целиот регион ги повикуваат сите земји да постават амбициозни цели за исфрлање на јагленот до 2030 година, што вклучува создавање храбри национални планови за енергија и клима како прашање на итност.
За земјите од Западен Балкан како земји во развој, постепеното исфрлање на јагленот во блиска иднина не може да биде поважно. Сепак, шест години по Парискиот договор, плановите за намалување на стакленички гасови (национални придонеси кон клима) се или слаби или сè уште се во фаза на изработка. Дополнително, процесот за усвојување на истите не е ниту инклузивен, ниту транспарентен, нема многу социјални и еколошки аспекти и го прави проблематично нивното идно спроведување.
Екстремните временски настани влијаат врз животите на луѓето во регионот. Неодамнешните поројни дождови предизвикаа разорни поплави во регионот на Сараево, во Босна и Херцеговина, оставајќи цели населби парализирани и без струја со часови.
Центар за животна средина од Босна и Херцеговина: „Актуелната ситуација во Босна е многу симболична – со поројни поплави што се случија во времето на најголемата климатска конференција во Глазгов. Тоа само покажува дека нашата земја, иако мала, е исто така силно погодена од климатската криза – која нашите политичари честопати сакаат да ја игнорираат. Слушаме празни фрази без вистински заложби за намалување и спречување на главната причина за оваа еколошка криза – индустријата за јаглен. Бараме тие итно да стават сценарио за декарбонизација на нивните политички агенди, да престанат да планираат нови проекти за јаглен и да се посветат на датумот за постепено укинување на јагленот“.
Иако постојат различни нивоа на дејствување што се применуваат низ Западен Балкан, дури и најнапредните нации треба да ги зголемат своите напори. Иако Северна Македонија е наречена регионален лидер за поставување на едни од најамбициозните цели за климата и енергијата, сепак нема јасен план како да ги постигне.
Центар за истражување и информирање за животната средина Еко-свест: „Се доцни со клучни акциски планови за имплементација на поставените амбициозни цели. Не постои функционален систем за координација и комуникација помеѓу централната и локална власт што е клучно за реализација на енергетските и климатски политики и задоцнет е процесот на праведна транзиција за регионите со јаглен.“
Од другата страна на спектарот, Босна и Херцеговина и Србија сè уште планираат да отворат нови електрани на јаглен, Костолац, Колубара Б, Угљевиќ 3 и Тузла 37 соодветно. Во меѓувреме, Косово, и покрај тоа што сè уште не е дел од ОН, е членка на Договорот за енергетска заедница и затоа е обврзано да покаже длабока посветеност на целите за постепено укинување на јагленот.
Зелен дом и еко-тим од Црна Гора: „Официјалната објава на Црна Гора да престане со понатамошната зависност од фосилните горива по 2035 година е добредојден чекор, иако ние бараме поголема амбиција. Сега е императив владата да усвои јасен патоказ за да се осигура дека енергетската транзиција е праведна и никој да не остане зад себе. Декарбонизацијата и реорганизацијата на енергетскиот сектор веќе се случува, така што ни требаат конкретни активности, како што е брзото спроведување на Националниот и енергетски климатски план (НЕЦП) и Националниот план за адаптација (НАП)“.
Регулаторниот институт за обновливи извори на енергија и животна средина и Отворено училиште во Белград од Србија: „Србија е последната од земјите на СБ што почна да го развива НЕЦП, и тоа без соодветно учество на јавноста. Енергетската транзиција е иницирана без отворен и транспарентен јавен дијалог, целите и амбициите не се јасни, а општествените и економските импликации не се претставени пред граѓаните. Целиот процес на развој на енергетската и климатската политика испраќа мешани пораки, со развој на NECP и Стратегија за развој на енергетиката од една страна, а од друга страна ја држи отворена вратата за нови 3GW термоелектрани во Нацрт-просторниот план. Се испраќаат мешани пораки и од властите, во врска со енергетската транзиција, но една порака ѕвони погласно од другите – претседателот Вучиќ му објави на светот во Глазгов дека Србија не може да даде никакви ветувања кога станува збор за датумите за постепено исфрлање на јагленот. Ова не нè остава оптимисти кога размислуваме за зелена иднина на нашата земја“.
Нашата заедничка порака:
„По неколку недели преговори за КОП26, едно прашање постигна консензус – научните докази се јасни и светот треба да го ограничи порастот на глобалните температури на 1,5°C со цел да се забават климатските промени, првенствено со намалување на употребата на фосилни горива. Досега, регионалните напори беа слаби и заостануваат во секој поглед. Нашите земји не можат да си го дозволат ова одложување бидејќи товарот ќе биде уште поголем по здравјето на луѓето и ќе ги зголеми трошоците за последиците од деструктивните влијанија на климатските промени. КОВИД-19 кризата или каква било внатрешна политичка ситуација не може да се користи како изговор за одложување на поставувањето реални цели и јасни акциски планови за постепено напуштање на јагленот во оваа деценија, притоа обезбедувајќи праведна транзиција. Ги повикуваме сите регионални влади да ги почитуваат своите политички ветувања, да покажат одговорност и вистинска посветеност како лидери на нивните поединечни нации и да го постават регионот на патот на Зелената агенда за Западен Балкан“.
Потписници:
Centre for Environment, Bosnia and Herzegovina
Eko-svest, North Macedonia
Green Home and Eco-team, Montenegro
RERI and BOŠ, Serbia
CAN Europe