Малолетните јужнокорејски гејмери се воодушевени од најавата дека во јануари ќе биде укината контроверзната забрана за играње навечер, пренесува „Н1“.
Забраната беше воведена пред 10 години, а целта беше да се намали зависноста на децата од видео игрите. Таа се укинува со измена на Законот за заштита на младите.
Укинувањето на забраната се планираше долго време бидејќи имаше се поголеми сомневања за нејзината ефикасност.
Забраната предизвика и парадоксални ситуации. На пример, популарната игра „Мајнкрафт“ за деца на возраст над седум години беше достапна само за возрасни.
Критичарите на забраната, исто така, тврдат дека таа ја демонизира „гејминг“ културата, додека не дава резултати во борбата против зависноста од игрите.
Во последниве години, во Јужна Кореја, како и во бројни други земји, има огромен пораст на популарноста на мобилни игри до кои младите можат да пристапат навечер.
Забраната беше насочена кон децата помлади од 16 години на кои не им беше дозволен пристап до онлајн игрите помеѓу полноќ и шест часот наутро, додека на компаниите за игри им се закануваат високи казни.
И покрај укинувањето на забраната, тоа не значи дека малолетните гејмери се целосно слободни.
Со помош на таканаречениот систем „дозволен избор“, родителите и децата ќе можат сами да одредат колку и што ќе играат, а нивниот избор ќе го „благослови“ Фондацијата за гејминг култура која е поврзана со Министерството за култура.