Правно и организациско опкружување, превенција, процес и стварна безбедност се четирите подрачја кои го сочинуваат Индексот за безбедност на новинарството во Македонија, кој се однесува за состојбите во 2020 година и изнесува 3.93.
Во поглед на организациското опружување, стои дека одредбите за надомест на штета при утврдена вина на новинар беа високи, но властите ги прифатија измените за нивно намалување. Новинарите не го оценуваат Законот како рестриктивен, бројот на предмети против новинари и медиуми е многу намален, судовите не утврдиле вина на новинар и не пресудиле надоместок за штета за нарушен углед.
„Законите обезбедуваат добра заштита на новинарските извори. Новинарите се чувствуваат слободни во контактирањето со изворите на информации. Сепак, мал број укажувачи пријавуваат случаи кај надлежните институции или кај новинари, што значи дека сѐ уште преовладува атмосфера на страв кај изворите, што во крајна линија е неповолно и за самото новинарство. Нема примери на арбитрарна или дискриминаторна примена на други закони со цел да се ограничи слободата на новинарската работа. Сепак, во земјава не постои законска заштита од т.н. незасновани тужби против новинарите и медиумите со цел финансиски да се исцрпат (SLAPP), иако таква пракса сѐ уште не е регистрирана“, стои во извештајот.
Не постојат лиценци за новинари, а новинарите се слободни да се организираат во свои здруженија. Нема регистрирани притисоци врз новинарските асоцијации, но медиумските сопственици го попречуваат членувањето на новинарите во синдикатите.
„Работната позиција на голем број новинари во приватните медиуми беше нестабилна, а особено се влоши поради пандемијата. Ниските примања и непочитувањето на правата од работен однос се најголемите проблеми. Новинарите се плашат да поведуваат спорови за мобинг или непочитување на работните права и да основаат синдикални организации во медиумите“, се вели во извештајот.
Во делот на превенција, стои дека воспоставената телефонска линија за брза и ефикасна помош на новинарите во случаи на напади не функционираше. Новинарите што беа предмет на напади немаа каде да се обратат на институциите за непосредна помош и поддршка, освен на Секторот за сајбер-криминал при МВР. Од регистрираните онлајннапади врз новинари, само два беа процесуирани.
„Во законската регулатива постојат општи одредби според кои новинарите би можеле да бараат заштита во случај на сериозна закана по нивниот живот од лице што е познато, но не е доволно јасно колку таквата процедура е практично применлива. Постои постапка во законот, но постапката за проценка на ризикот не е јасно дефинирана“, пишува во документот.
Во 2020 година, сѐ уште не беше воспоставен механизам за бесплатна правна помош за која било жртва на родово засновани напади и насилство, вклучувајќи ги и новинарките. Сите напади врз новинарки беа пријавувани во МВР. Новинарките во редакциите ретко ги пријавуваат случаите на родово заснована дискриминација кај надлежните институции. Истанбулската конвенција беше инкорпорирана во законодавството усвоено на почетокот на 2021 година. Практиката покажува дека имало многу вознемирувања кон жени новинарки врз родова основа.
„Воспоставена е пракса на јавна осуда на нападите врз новинарите, меѓутоа има примери политичари и носители на јавни функции да навредуваат и да упатуваат закани кон новинари и медиуми, со што влијаат врз создавање атмосфера на несигурност и страв кај новинарите. МВР спроведува редовни обуки на полициските службеници во рамки на кои тие се запознаваат и со основните стандарди за почитувањето на човекови права. МВР и ЗНМ имаат воспоставено редовна соработка. Во текот на 2020 година, односот на полициските службеници кон новинарите и медиумските работници бил на задоволително ниво. И понатму постои потреба за дополнителна обука на полициските службеници“, стои во докуменот.
Во поглед на делот процес, пишува дека кај надлежните институции не постојат посебни оддели, ниту посебно определени лица за водење на истрагите за нападите врз новинарите. Не се усвоени ниту посебни упатства што можат да помогнат за поефикасно водење на истрагите. Постои соработка меѓу надлежните институции, но таа не резултира со доволна ефикасност во откривањето на сторителите на нападите. Истовремено, јавните обвинители се доста инертни во започнувањето на постапките.
„Истрагите се главно бавни и неефикасни, а за одделни напади врз новинари и воопшто не се покренати обвиненија. Нападите врз новинарите некогаш не се квалификуваат како кривични дела, што ги принудува новинарите да покренуваат приватни тужби, наместо да се гонат по службена должност. Кривичниот законик го признава вознемирувањето како кривично дело. Регистрирани се 8 сериозни онлајн-закани против новинари. МВР не реагирало доволно ефикасно и не дало никаква информација за тоа како постапило во пет од шесте пријавени случаи на онлајн-напади врз новинари во 2020 година“, стои во документот.
Генералната проценка е дека судовите не се доволно транспарентни во однос на водењето судски постапки за напади врз новинари или медиуми. Основниот граѓански и кривичен суд во Скопје не дава детални информации за судските постапки за напади врз новинари што се случиле во последните години. Судовите немаат практика да ја информираат јавноста за постапките против новинарите или кои новинарите се странки до повреда на нивните права во насока на нарушена безбедност. Покрај тоа, автоматскиот информациски систем за управување со случаи (ACMIS) не дава можност за прецизно пребарување на минатите и тековните процедури во кои страните се новинари и со тоа јавноста има потешкотии да пристапи до овие информации“, пишува во документот.
Понатаму, стои дека надлежните институции и судовите немаат воспоставено квалитетни статистички системи, врз основа на кои можат да доставуваат прецизни и дизагрегирани податоци за сите судски постапки во кои странка се новинари или медиуми. Базите на податоци на судовите не дозволуваат распределба на податоците.
Во поглед на т.н. стварна безбедност, наведено е дека во 2020 година се случија само некои од наведените видови закани, кои не се насочени кон загрозување на физичката безбедност на новинарите, но, сепак, како напаѓачи се јавуваат поранешни функционери, поединци блиски до политички партии и (во еден случај) полициски службеници.
Во 2020 година се регистрирани три закани насочени кон загрозување на физичката безбедност или животот на новинарите. Сепак, загрижувачки е фактот што напаѓачи се политичари или поединци блиски до политички партии. Во 2020 година се регистрирани два физички напади врз новинари. И за двата случаи постојат индикации дека напаѓачите се поединци блиски до политички партии. Регистрирани се два случаи на закани врз медиуми. И во двата случаи се работи за закани упатени кон медиуми поради нивната истражувачка работа на случаи на корупција или изнесени критички ставови во јавноста“, стои во извештајот.
Индексот е заеднички развиен од истражувачите на Институтот RESIS2 со седиште во Скопје и партнерите на платформата Safejournalists.net: Независното здружение на новинарите на Србија, Здружението на новинарите од БХ, Синдикатот на медиуми од Црна Гора, Здружението на новинарите на Македонија, Здружението на новинарите на Косово, Хрватското здружение на новинарите и независен истражувач од Албанија3.
Повеќе детали за теоретската рамка и за процедурата за развивање и пресметка на Индексот, како и сите извештаи за земјите од Западен Балкан може да се најдат на: https://safejournalists.net/safety-index/.