Четворица новинари од Авганистан денеска пристигнаа на скопскиот аеродром по повеќемесечни обиди да ја избегнат опасноста што им се закануваше во нивната земја, информира Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
На аеродромот, каде ги поминаа безбедносните и здравствени протоколи, новинарите беа пречекани од претставници на ССНМ по што беа сместени во хотел во Скопје.
„Оваа хуманитарна акција за помош на авганистанските новинари беше овозможена од Владата која ја прифати иницијативата на ССНМ како член на Меѓународната федерација на новинари (МФН), а поддржана и од организацијата Новинари за човекови права (НЧП) од Канада“, соопштува ССНМ.
Тројцата новинари и една новинарка работеле за локални авганистански телевизии и радија и како дописници за странски медиумски куќи. Во изминатите неколку месеци, по смената на власта во Авганистан, постојано добивале закани од Талибанците поради што со недели биле сместени во таканаречена „безбедна куќа“.
„Во Македонија пристигнаа по неколку неделна неизвесност исполнета со низа проблеми и препреки, за на крај преку Исламабад и Истанбул да пристигнат во земјава. Тие во земјава добија привремен престој и по добивањето визи ќе заминат во трети земји“, информира ССНМ.