Официјално лице од полската влада денеска изјави дека белоруските власти со автобуси ги одведуваат мигрантите кои деновите ги минуваа во импровизиран камп на белоруската страна на источната граница на Полска, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
„Добив информација дека Лукашенко ги обезбедил првите автобуси во кои мигрантите се качуваат и заминуваат. Кампот кај Кузница полека се празни“, изјави полскиот заменик министер за внатрешни работи Мачеј Васик.
Не е јасно каде се однесени, а информациите дадени од официјалните лица е тешко да се проверат поради ограничувањата со кои се соочуваат новинарите во нивната работа од двете страни на границата.
Ирак апелираше до своите граѓани да се вратат дома, велејќи им дека патот кон ЕУ е затворен. Првите летови се закажани за четврток.
Белоруската државна новинска агенција „Белта“ објави дека на мигрантите им било обезбедено засолниште во логистичкиот центар на границата, што им овозможило после многу денови да спијат во затворен простор, а не во шатори на отворено.
Од 8 ноември, поголема група луѓе од Блискиот Исток се заглавени на граничниот премин со Полска со надеж дека ќе влезат во Европската Унија.
Повеќето од нив бегаат од конфликти или безнадежност дома и имаат цел да стигнат до Германија или други западноевропски земји.