Стари топоними од предземјотресно Скопје, поинклузивни сведоштва на скопјанки и скопјани за земјотресот, односно сведоштва и од жени и од мажи, од лица со различен етникум, лица со различни професионални позадини од повеќе генерации, но и детски толкувања на пост-земјотресните искуства се дел од Истражувањето „Скопскиот земјотрес од 1963 година: сеќавања, идентитети, акции“, на Центарот за истражување на национализмот и културата – ЦИНИК.
Денес се одржа онлајн промоција на резултатите од проектот, а на неа учествуваа вклучените истражувачи Наум Трајановски, Петар Тодоров, Мартина Пенева, Калина Трајановска и Мариглен Демири.
„Нашата цел, поконкретно, беше да ги документираме сеќавањата за земјотресот преку наративни биографски интервјуа и да ги понудиме како нов дискурс во однос на историјата на земјотресот, постземјотресната обнова на градот и, конечно, градската историја по 1963 година“, велат тие.
Истражувачот Наум Трајановски нагласи дека при создавањето на истражувањето, се користела теоријата на културната и комуникативната меморија.
„Мапиравме три режими на паметење – првиот режим е активен од првата комеморација на земјотресот во Скопје од 64 година, до крајот на проектот за урбаната реконструкција на градот. Вториот режим на паметење е поттикнат од запирањето на финансирањето на проектот за градска обнова на Скопје, од доцните ’70, Југославија, односно Македонија, беа погодени од тешка економска криза, во 80тите понуваат да се појавуваат алтернативни нарации за земјотресната обнова на Скопје. Почетокот на 2000 години може да се мапира последниот режим на паметење на скопскиот земјотрес“, забележа Трајановски.
Тој дополни дека вториот дел од изданието се состои од интервјуа со 51 сведок, во периодот од септември до октомври, а во сведоштвата се опфатени темата на солидарноста, обновата, живеењето во градот, како и делењето на бараките, преку комичност и траорност.
Експлозии во универзумот, земјотреси во градовите
Истражувачките Мартина Пенева и Калина Трајановска велат дека интервјуата со сведоците ги започнале од најтесните кругови, а потоа повикот за сведоштвата природно се проширил. Тие споделија дека многумина од застапените сведоци се радувале што имаат прилика да ги споделат сеќавањата од тој период во јавноста, денови кои за нив се најважниот сегмент од животот.
„Имаше и потешкотии, луѓето се плашеа да споделат интимно сеќавање, имаа страв каде ќе завршат информациите, кој ќе ги пласира, но и кој ќе ги прочита“, велат тие.
Забележуваат дека пандемијата дополнително го отежнала процесот на собирање на сведоштва, па лицата од 70, 80 и 90 години не можеле да излезат од своите домови, ниту пак да пречекуват непознати гости. Но, овој проблем бил надминат со тоа што истражувачките посетувале јавни простори, како Жена Парк, каде пензионерите најчесто играат шах.
„Интервјуата траеа од 20 до 60 минути, се соочувавме со различни приказни, луѓето од Центар и луѓето од периферија различно го доживуваат земјотресот. Имавме можност да интервјуираме луѓе од периферијата, Драчево, Чаир, Нерези, околните населби“ велат тие.
Во Драчево со денови немале информации што се случило во Центарот, тие го почувствувале земјотресот, но не знаеле дека се е срушено, неретко луѓето немале автомобили, дел од сведоците тогаш биле деца и не им дозволувале да одат во градот. Велат, меѓународните донации донеле многу нови работи во Скопје, а тие првпат виделе пижами.
Помеѓу интервјуираните, имало доста трагични, но и доста комични сведоштва, а тие го споделија коментарот на еден камионски возач од Маџир маало, кој имал 30 години кога се случил земјотресот.
Па добро, земјотрес, за два-три месеци сè ќе обнови, сè ќе биде како што треба, ќе се изградат повторно рушевините. Како што во галаксијата има експлозии, така во градовите има земјотреси, ништо страшно.
Бог е од Гази Баба
Истражувачката Трајановска сподели и неколку други приказни и перспективи на сведоците – за тогашните деца кои биле транспортирани во земјите од регионот, каде за првпат биле во театар и кино, но и трауматични приказни – за сведокот кој по земјотресот не можел да спие 15 години.
Еден човек, земјотресот на Скопје го заведочил додека бил качен на ридовите во Гази Баба. Гледал како Скопје се руши одозгора, па се почувствувал како Бог.
Скопје преку периферија
Истражувачот Мариглен Демири, сподели дека како лице кое доаѓа од Битола, истражувањето го научило многу работи од разни аспекти, а го посочи истражувачкиот процес во Шуто Оризари, Нерези и Северно Скопје.
„Како Албанец ги имам интернализирано тие сфаќања за какви биле и се Албанците во Скопје, но имав прекрасни разговори кои ме разубедија и сфатив дека скопските Албанци не се така лоши. Она што е важно кај Албанците како сеќавање и дискурс во времето – има албанците кои постојано го афирмираат и се сеќаваат на прекрасниот соживот со сите народи“, истакна тој.
Истражувачот Петар Тодоров, сподели дека истражувањето цело да се разбере блиската историја на Скопје, бидејќи во 20-от век е малку пишувано на оваа тема.
„Оттаму се создава еден вакум во јавниот дискурс и честопати таа историја се злоупотребува во политички контекст, без разлика дали е тој лев, десен или центар. Истовремено, истражувањето ќе помогне и на сите оние кои сакаат да пишуваат за Скопје. Се спомниуваат топоними на маала, особено од времето на Османслиско Скопје, а се сведочи и колку голема промена доживува Скопје. На пример, реонот околу плоштадот се бил именуван Газиментеш“, истакна Тодоров.
Инаку, промоцијата на истражувањето ќе се одржи на 14 декември во Котур, а ќе биде проследено и со дискусија.
И.С.