Законот за високо образование стапи на сила пред повеќе од три години, а роковите за основање на државните органи и тела истекоа пред повеќе од две, како и нивните шестмесечни периоди за креирање на правната рамка. Но, и понатаму во уредувањето на одредени клучни прашања за обезбедување на квалитетот недостасуваат подзаконски акти.
Ова денеска го истакнаа професори-истражувачи кои го претставија документот за јавни политики насловен „Унапредување на квалитетот на високото образование – студентски перспективи“. Во неговата изработка се вклучија проф. д-р Зоран Велковски, проф. д-р Неда Здравева, проф. д-р Мира Беќар и Борјан Ефтимов.
Според нивното истражување, студентите се задоволни од квалитетот на високото образование, но единствено во делот што се однесува на теоретската настава.
За да се постигне повисок квалитет на настава, студентите сметаат дека е потребно материјата да се предава со современи наставни методи што ќе поттикнат и ќе овозможат самостојно истражување од страна на студентите, односно ќе овозможат критичко размислување.
Предлагаат групите за изведување на наставата да се помали, дури и кога станува збор за онлајн настава, за да се овозможи соодветна интеракција со наставникот. Понатаму, оценуваат дека достапноста на наставниците за комуникација и консултации со студентите не е секогаш соодветна на потребите.
„Инфраструктурните услови за одвивање на наставата не се соодветни. Со мали исклучоци на одредени факултети во различните кампуси, инфраструктурата е дотраена, опремата е застарена и нема соодветни можности ниту за следење на редовната настава, а уште помалку за (самостојни) студентски истражувања. Треба да се унапреди пристапот до современа литература во сите области, при што студентите проблемот го лоцираат како во немање доволно домашна стручна литература (постари учебници или учебници кои површно ги обработуваат прашањата), така и во немање пристап до современа странска литература, односно бази со книги, научни списанија и истражувања“, се наведува во истражувањето.
Професорката Здравева истакна дека дел од прашањата кои се потенцираат како слабости во високото образование се прашања кои се уредени со правилници, но тие се застарени, а нови и понатаму не се донесени.
Понатаму, во истражувањето се наведуваат и други проблеми како на пример фактот дека комуникацијата со стручните и административните служби по електронски пат не е возможна со исклучоци за време на пандемијата. Дополнително, комуникацијата со службите е во определено време, кое често не се почитува ниту од службите, ниту од студентите.
Покрај ова, центрите за кариера не се воспоставени на сите факултети и студентите немаат многу податоци за тоа која е нивната цел и намена, ниту пак кои се придобивките од нив.
Следно важно, а нерешено прашање, е и системот на финансирање на високото образование. Рамката за уредување на финансирањето на студентските организации според Законот за високо образование не овозможува постојани приходи на студентските собранија и нивна финансиска стабилност.
„Финансирањето на студентските организации, а оттука и на нивните активности зависи од можностите и финансиските планови на универзитетите, односно на единиците во нивниот состав. Со тоа се отежнува положбата на студентските организации во остварување на нивните функции“, забележува истражувањето.
Предлозите за решенија на сите овие проблеми се фокусираат главно на подобрување на квалитет на студиите и на образовниот процес во целост, учество на студентите во процесот на донесување одлуки, но и евалуација.
Сепак, студентите сметаат дека нивното влијание за подобрувањето на состојбите е крајно ограничено. Според нив, неопходно е донесување законска рамка што ќе овозможи зајакната положба на студентите во процесите на донесување одлуки.
„Се даваат и предлози за унапредување на системот на работа на административно-стручните служби и особено за дигитализација на административното работење. Се предлага и значително унапредување на системот за (само)евалуација и вреднувањето на значењето на студентските анкети и искористување на резултатите како основа за подобрување на работата на високообразовните установи и зголемување на квалитетот на високото образование“, стои во истражувањето.
Овој документ е дел од проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ раководен од Независниот академски синдикат (НАкС), при што беа изработени уште два документи кои ќе бидат презентирани деновиве.
Од НАкС веруваат дека надлежните институции и поединци ќе ги земат предвид наодите од ова истражување при градењето на идните јавни политики во образованието.
Е.П.