„Инфлуенсери“, реални шоуа, кич, нотификации… Виртуелниот простор каде има драма после секој „клик“ е темата на претставата „Дневна доза мазохизам“, за која хрватскиот драматург Дина Вукелиќ вели дека е еден од нејзините најинтимни текстови.
Претставата која повторно ќе се изведе во рамки на 46-тото издание на Млад отворен театар (МОТ), прикажува два аспекта на животот – оној блескав, фотошопиран и идеален, кој е најмногу сервиран на интернетот и во медиумите, а потоа и оној кој се наоѓа под таа сјајна површина. Според Вукелиќ, тоа е свет на неизвесна иднина на младите, кои тешко се носат со гревовите на своите татковци, со товарот на војната и транзицијата.
Радио МОФ разговараше со Вукелиќ за интергенерациските разлики, активизмот, интернетот и темите кои преовладуваат кај младите хрватски драматурзи.
Вукелиќ вели дека кога пишува за проблемите на својата генерација, секогаш настојува да ги претстави во поширок контекст, да ги поврзе со проблемите на сите генерации и да ги направи препознатливи.
„Пасивноста на мојата генерација е тесно поврзана со пасивноста на постарите генерации, конзервативната и патријархалната средина, силното влијание на католичката вера, војните, национализмот и многу надворешни фактори кои влијаат на идентитетот. Како авторка, ме интересира и што значи „младоста“ на овие простори. Во „Дневна доза мазохизам“ се занимавам со одложеното растење“, вели таа.
Според неа, одложеното растење се должи на сериозни егзистенцијални проблеми – младите не можат да се осамостојат, да најдат работа, да го решат станбеното прашање, да ги исполнат основните услови за живот, да го најдат својот глас, да се борат за себе…
Мазохизмот во претставата е одбранбен механизам
Вукелиќ вели дека претставата е приказ на светот низ перспектива на млада личност која се наоѓа на границата помеѓу бунтот и откажувањето.
„Мазохизмот во мојата претстава е начин на преживување во нашето општество, одбранбен механизам, пронаоѓање на уживање и смисла во опсесиите, желбите, неуспесите, секојдневните баналности и вишокот на информации кои не бомбардираат во виртуелниот простор“, објаснува авторката.
Таа истакнува дека наспроти мракот, ја интересирале и можностите за иронично обработување на табу темите, потрагата по апсурдот и структурата на трагедијата.
Истражувајќи ја опсесијата како генетски код врз кој се создаваат односите меѓу луѓето и опседнатоста како пракса што се артикулира во секојдневието, новиот театарски проект на Пресврт, „Дневна доза мазохизам“ го разложува човековиот емотивен распад преку конфликтот што се наоѓа во обичните ситуации. Заслепени од виртуелниот идеал, луѓето често се наоѓаат на крстопатот помеѓу тоа што е и тоа што посакуваат да биде, како што му се случува и на Тома, чие несовпаѓање со светот длабоко се истакнува преку неговата привлечност кон младата „инфлуенсерка“ Софија, која пак се бори со сопствениот наметнат калап на своите обожаватели, се вели во описот на претставата.
Зборувајќи за виртуелната реалност, која е една од темите во фокус на претставата, Вукелиќ вели дека живееме во ера каде што се нудат „инстант“ решенија.
„Тоа е краткотрајно заборавање на проблемите со лесна забава, реалити, кич, „влијателни видеа“ и модни совети од сферата на поп-духовноста, но не и навлегување во суштината на проблемите. Со тие методи се одржува заспано општество, се гуши критичката мисла и каква било можност за рефлексија. Се капитализира и експлоатира човечката несреќа, потребата за смисла, лидерство и припаѓање“, вели таа.
Фатени во капиталистичката машина, немаме доволно време и внимание да се посветиме на себе и еден на друг, па затоа излезот е понекогаш наједноставен, а тоа е „кликот“ кој ќе не однесе во пространството за забавата и лажните ветувања.
Ако не сме онлајн, не постоиме
Пандемија или не, онлајн присуството одамна се провлекува како важен елемент на постоењето. Па така, кога драмата е присутна по секој клик, Вукелиќ вели дека нашето двојно постоење – онлајн и реално, е само по себе театрално, а оттаму и предизвикувачко за драмските автори.
„Веќе не знаеме кои сме. Ако не сме онлајн, не постоиме. Кога сме онлајн, тогаш прашањето е кои сме на нашите профили. Дали сме тоа ние, или тоа е идеална верзија на нас самите? Каква е нашата онлајн персона? На социјалните мрежи управуваме така што се претставуваме себеси повеќе од било која ситуација во вистинскиот живот. И така, стануваме актери кои играат улоги во виртуелната претстава“, нагласува таа.
„Doomscrolling“ и седењето 24/7 онлајн, поттикнува нови феномени, а еден од нив е интернет сленгот, кој станува поприсутен и во секојдневниот говор и во медиумскиот простор, но истовремено го зголемува и јазот помеѓу генерациите кои си имаат специфични ритуали при користењето на социјалните мрежи.
„Постои недоразбирање меѓу различните генерации што се создава не само на јазично ниво, туку и на ниво на идеологија, верувања и начин на живот, поради што се чини дека различни генерации навистина зборуваат различни јазици. Тој нов јазик на младите е севкупен израз на припаѓање во една група, супкултура, идеологија, а понекогаш и тренд, а младите генерации се оддалечуваат негирајќи ги навиките и културата на старите генерации. Затоа недоразбирањето е многу подлабоко од јазичното и семантичкото недоразбирање“, вели Вукелиќ за овој феномен кој е неизоставен дел од „Дневна доза мазохизам“.
Новиот бран на драмски автори е оптеретен со идентитетот
Како млада драмска авторка, Вукелиќ објаснува дека нејзините современици во хрватскиот театар се автори кои се интересираат за ангажирани теми, а како заедничка карактеристика преовладува критичниот и аналитичниот поглед на нашата реалност.
„Хрватските млади автори се оптеретени со прашањето за идентитетот – родовиот, националниот, верскиот. Преку нашите специфични драмски изрази, се обидуваме да ја пронајдеме нашата функција во општеството. А тоа се однесува и на функцијата како одговорни граѓани, како и на функцијата како автори. Да се биде автор, па уште и млад, подразбира борба со самиот себе и борба со системот, бескрајното докажување, истражувањето, ризикувањето, експериментирањето, а понекогаш и несфатеноста“, вели таа.
Вукелиќ споделува дека хрватскиот театар се соочува со недостатокот на простор за авторите кои заслужуваат да бидат изведени.
„Во време на пандемија, сите кои се бават со изведувачки уметности, делат исти проблеми од практична и егзистенцијална природа – се бориме за опстанок на театарот и публиката. Но и пред пандемијата, проблем беше што не се инвестира доволно во културата и што уметниците и културните работници секогаш мораат да се борат за својата позиција, да ја бранат својата работа и вредност“, вели авторката.
Па така, доколку заинтересираните сакаат подлабоко да се запознаат со хрватскиот театар, може да ја посетат страната drame.hr, каде се објавени драми од хрватски автори, меѓу кои и Дина Вукелиќ.
„Дневна доза мазохизам“ на 2 декември повторно ќе се одигра во МКЦ, овој пат во рамки на фестивалот „Млад отворен театар“ (МОТ). Претставата е во продукција на Здружението за афирмација на театарската уметност „Пресврт“, а премиерата пред македонската публика се случи во јуни, годинава.
Претставата е во режија на Лука Кортина, а по текст на младата хрватска авторка Дина Вукелиќ. Ликовите ги толкуваат младите Дарко Ристовски, Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Јанка Лефкова и Ава Хусеини, како и веќе докажаните Амернис Нокшиќи, Димитрија Доксевски и Ѓорѓи Јолевски. Продуцент на претставата е Петар Антевски.
Ивана Смилевска