#РаскажиМи: „Магла“ – Ненад Јолдески

Радио МОФ почна со нова рубрика #РаскажиМи, каде секој петок во неделата објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Нема услови за расказите, освен тие да бидат на македонски јазик.

Овој пат во рубриката #РаскажиМи го објавуваме расказот „Магла“ од  авторот Ненад Јолдески.

Ненад Јолдески е роден во 1986 година во Струга. Автор е на книгата „Штамата на Енхалон“, збирка раскази напишани на струшки дијалект и социолект, за која ја освои наградата „Новите“ за најдобро дебитантско дело на конкурсот распишан издавачката куќа „Темплум“ во 2009 година.

Во 2012, Јолдески ја издаде својата втора книга – збирка раскази со наслов „Секој со своето езеро“ за која во 2016 година ја доби „Наградата за литература на Европска Унија“. Книгата е преведена на неколку светски јазици. Во 2018 го објави својот прв кус роман „Пливање спротиводно“.

Во продолжение прочитајте го расказот „Магла“.

Магла

Скопје. Коригиран дискурс.

Надвор паѓа ситен дожд. Едната половина на градот е под вода, а другата ранета плови по градското езеро. Една птица удира во полуотворената ролетна. Трета за денеска. До мене стои книгата за Бројгел што ја позајмив. Се присетувам на „Падот на Икар“. Чудно е, но не можам да си го споменам Бројгел, а на неговото име како асоцијација да не ми се закачи и Вилијамс.

„According to Brueghel

when Icarus fell

it was spring.“

Ја барам сликата внатре. Ја нема. Наместо неа гледам во „Ловци во снегот“. Ова е можеби десетти пат како случајно ја гледам. Неколкупати со Оливија, неколкупати сам. Почнувам да верувам дека ми најавува нешто апокалиптично. Зимата можеби. Сеедно…

Дождот престанува. Излегувам надвор. Градот, надвиснат од темни облаци и магла, ги шета своите призраци по немите магливи булевари. Мириса на зима. Леден северен ветер се одбива од зградите. На рабовите на тротоарите набрзина се нафаќа мраз.

Излегувам на  улицата што се спушта стрмно надолу во срцето на градот. Не сум најсигурен каде ќе ме одведе овој пат. Насетувам како низ тешките драперии од смог и магла ме следи глутница уморни и прегладнети кучиња. Треперам од страв и застанувам во место. Кучињата не ме забележуваат низ маглата и ме одминуваат. Забележувам дека ги следат тројца ловџии со пушки. На небото прелетуваат гаврани. Луѓето нишанат и испукуваат неколку куршуми. Еден од куршумите пробива низ стакло. На земјата не паѓа ништо. Мене, за среќа, не ме забележуваат. Решавам да продолжам низ густата магла и да се скријам на безбедно. Ја наоѓам најблиската продавница и се кријам во неа. Низ излогот гледам како ловџиите и прегладнетите пци се губат низ маглата. Продавачот лежи мртов. Набрзина се враќам во својот дом.

Гавран, сигурно загубен низ густата магла, удира во прозорецот и полумртов го крши стаклото и влетува во собата. Белина започнува да ја полни внатрешноста. На ногата на гавранот забележувам порака.

Не излегувај надвор, ги сонувам ловците, го задоволуваат гладот, го надјасуваат поразот…                                                                           Оливија

Ја заклучувам вратата. Книгата за Бројгел сè уште стои на масата. Во собата се населуваат гаврани. Правам чај и удобно седнувам на фотелјата. Среќен што сум жив. Чекам да се разбуди.