Триесет и осмото издание на Меѓународниот театарски фестивал Млад Отворен Театар и оваа година, традиционално ќе се одржи на крајот на септември. Под овогодинешното мото „Театар на црвена линија“ ќе се одржат 8 фестивалски вечери, 15 претстави, 2 работилници и 3 презентации. Со огромна желба за борба против кичот и шундот, тимот на Младински Културен Центар, Министерството за култура и Град Скопје, ќе бидат домаќини на повеќе од 300 гости од театрите од Хрватска, Белгија, Србија, Италија, Турција, Словенија, Бугарија, и секако од Македонија.
Белгиската кореографска претстава „Тоа што телото не го памети“ во режија и кореографија на Вим Вандекејбус, која беше оценета како исклучително иновативна од страна на престижните критичари на Њујорк Тајмс и Гардијан, на 19 септември на сцената на Македонската Опера и Балет ќе ја отвори програмата на 38-мото издание на МОТ. Покрај неа, најавено е и гостување на Народниот театар Иван Вазоф од Софија со претставата „Ноќна пеперутка“ во режија на Јавор Гардев, Српското народно позориште со „Галеб“ во режија на Томи Јанежиќ, Загребачко Казалиште Младих со „Жолта линија“ во режија на Ивица Буљан и Југословенското драмско позориште со „Метаморфози“ во режија на Александар Поповски.
Најавени се и две премиери на претставите „Носталгиумот на еден перфориран копиљ (Пу за мене, пу за сите)“ – магистерска претстава на Јане Спасиќ и „Малечката“ во режија на Сема Али Ерол на Кумпанијази театарот од Истамбул, Турција.
Кога станува збор за македонската програма, продуцентот Русе Арсов објасни дека избрани се помалку македонски претстави поради слабата продукција на независната театарска сцена во последниве 2-3 години. Сепак предвидени се настапи на Народниот театар од Битола, Театарот од Куманово, независниот алтернативен театар Вондерленд како и студентите на Факултетот за драмски уметности, Скопје танцова академија и академијата ЕСРА.
За затворање на фестивалската програма, предвидена е претставата „Лев“ на италијанската група „Мута Имаџо“.
Поради долгите технички и реконструкциски зафати, финансиската поддршка на град Скопје и Министерството за култура, Младинскиот Културен Центар се враќа во својата полна техничко-инфраструктурна кондиција. Оваа година повеќе од 60% од претставите на програмата ќе се одиграат во салите на МКЦ. Останатите ќе се реализираат на сцената на Македонска опера и балет – МОБ и Македонски народен театар – МНТ.
Уште една од новостите кои овогодинешното издание на МОТ ги нуди е промотивната цена(150денари) на билетите за сите претстави купени од 09.09-13.09. Со почетокот на фестивалот, цената на билетите ќе изнесува 200 односно 400 денари.
Овде можете да ја погледнете целосната програма на фестивалот.
Јована Ѓорѓиовска