Насилството на безбедносните сили врз австралиските, британските, италијанските и другите граѓани низ западните општества само затоа што продолжуваат да веруваат во слободата на поединецот покажува дека самата идеја за слобода на поединецот веќе е мртва.
Сите беа затекнати од последните случувања на улиците и плоштадите на „слободниот свет“, насилството без преседан, што органите на прогонот го спроведуваат врз нивните граѓани кои протестираат против задирањето на владите во многу основни права, правата на поединецот да го контролира сопственото тело. Австралија стана пример за полициска бруталност против луѓето кои протестираа против условувањата за вакцинација, но вести за такво насилство доаѓаат и од други делови на западните општества. Полициското насилство врз антиваксерските демонстранти ја покажува омразата на властите кон слободата на поединецот, како и неспособноста на слободниот поединец да го порази духот што ја уништува индивидуалната слобода – Големата влада, назад во шишето.
Идејата за индивидуална слобода е најголемата и единствена креација на западната цивилизација. Ниту една друга цивилизација претходно не ја знаела. Во сите други цивилизации, поединците функционирале во полза на општествените структури. Одлуките на поединецот произлегуваат од извесна свест што општествените структури ја всадуваат во истиот тој поединец (според анти-индивидуалистичкиот реакционер како што е Карл Маркс, луѓето ја носат општествената свест на својата класа). Затоа, историјата на подемот и падот на слободата на поединецот е тесно поврзана со историјата на подемот и падот на западната цивилизација.
Социо-економските и културните корени на концептот слободен поединец
Суштината на концептот на индивидуална слобода е вкоренета во христијанството. Протестантската реформација предизвика квантен скок на концептот на независно постапување на поединецот и носење сопствени одлуки со драстично намалување на улогата на свештенството помеѓу поединецот и Бога. Лутеранската концептуализација на директната врска помеѓу поединецот и Господ го прошири опсегот на индивидуално одлучување. Германскиот социолог Макс Вебер го објасни успехот на индустрискиот капитализам во северозападна Европа со протестантската работна етика, штедливост и ефикасност како индивидуални напори да се постигне предодреден успех.
Други познавачи тврдат дека тие концептуални трансформации не настанале ниту во вакуум, ниту случајно. Во тој период, Западна Европа била пред невиден економски, политички и културен напредок, поттикнат од географски откритија и огромно богатство собрано од далечните земји. Ерата на европските империи го истиснала анархичниот феудализам, а економските трансформации ги пренеле од феудализам во индустриски капитализам. Спротивно на Вебер, британскиот социолог Р. Х. Тауни тврди дека социо-економските притисоци и индивидуалистичкиот дух се поважни за капиталистичкиот подем отколку Калвинистичката теологија. Според тој аргумент, протестантизмот не довел до капиталистичкиот развој; туку, притисоците за економски развој од внатре во западните општества довеле до христијанска реформација од религија која ветувала Божји благослов и царство за сиромашните (Лука 6:20-21) до религија која го благословува економскиот успех.
Во секое од тие објаснувања, слободниот поединец се појавува како клучна варијабла. Појавата на концептот на слободниот поединец од темел го трансформирал самиот концепт на слободата, менувајќи ја неговата рамка од етерскиот поим за групна слобода на секојдневни конкретни тензии помеѓу поединецот и општеството. Британските просветителски автори како Џон Лок и Дејвид Хјум го развиле концептот на слободен и разумен поединец, доделувајќи му и способност за самостојни политички одлуки поради неговите непобитни права дадени од Бога за живот, слобода и приватна сопственост. Американската декларација за независност од 1776 година ги смета тие вистини како „очигледни“, иако се далеку од очигледни.
Логичка основа на концептот слободен поединец
Појавата и подемот на концептот на слободниот поединец имале силни причини: борбата помеѓу новите општествени односи предизвикани од индустрискиот капитализам против старите феудални структури, за да се придобие поединецот. Индустријата, што тогаш била во развој, имала потреба од работници и потрошувачи, кои во тоа време припаѓале на аристократијата, главно заробена во својот окружен систем. Работната сила првично растела со апсорпција на слободните луѓе, но аристократијата сè уште ја контролирала територијата и трговските патишта и пазари.
Политиката на слободниот поединец, која тогаш била во зародиш, имала за цел да ја укине контролата на општествените структури врз поединецот и да дозволи слободно преселување на надничари во градовите како работна сила, но и проток на стоки кон периферијата како производи за потрошувачка. Огромните профити создадени со индустриското производство, заедно со новите идеи на просветителството, ѝ овозможиле на новата буржоазија да победи во политичките и воените битки против Стариот режим. До средината на деветнаесеттиот век, маршот на буржоазијата за воспоставување свој политички режим – либерална демократија, во чиешто јадро е слободниот поединец, станал незапирлив.
Рационалноста останува „мал детаљ“ кој често се изостава од дискурсот поврзан со слободниот поединец, но и од дискусиите за концептот на слободата. Филозофски, во природната состојба, поединецот не е само слободен, туку и рационален. Таквата рационалност значително ги усложнува сите можни морални превези фрлени врз концептот на слободниот поединец. Рационалното следење на сопствените интереси на поединецот, без да се води сметка за последиците од нивните постапки, го претставува „првобитниот грев“ на поединецот. Рационалноста го оневозможува општествениот живот со тоа што ги разнишува темелите на концептот за создавање заеднички добра. Како што е прикажано со теоретската игра „Дилемата на затвореникот“, полошо е за општеството кога поединците ги следат своите рационални интереси и не соработуваат, во споредба со случаите кога поединците прифаќаат одредени загуби во корист на општото добро. Може да се каже дека, општествениот договор ги врзува поединците меѓусебно и со државата, при што поединците им ги предаваат на државните институции слободите кои го поткопуваат колективното дејствување, а државата презема обврска да ги гарантира основните слободи на поединците.
Против сите непријатели: Триумф на идејата за слободен поединец
Од самиот почеток, идејата за слободен поединец како камен-темелник на општеството наишла на непријателски реакции од сите страни на Европа. Од италијанскиот Џамбатиста Вико на југот до германските филозофи Јохан Готлиб Фихте, Јохан Георг Хаман и Јохан Готфрид Хердер на северот, контрапросветителското движење (последниот накитено со етикетата романтизам) го зафатило континентот. Романтичарите имале за цел да го вратат поединецот таму каде што отсекогаш постоел како филозофска категорија и како социјална единица: во канџите на општествените структури. Таа реакција довела до волшебната телеологија на друга мрачна фигура на структуралистичката реакција, Георг Вилхелм Фридрих Хегел, и кулминирала со псевдонаучната теорија за отуѓување на Карл Маркс. Другите структуралистички непријатели на индивидуализмот како што се фашизмот, нацизмот и феминизмот го нападнале концептот на слободниот поединец од хиерархиска, расна и родова перспектива, редоследно.
Сепак, идејата за слободниот поединец напредувала речиси три века бидејќи победниците на Индустриската револуција, индустриската буржоазија и работниците создале далекусежен консензус околу неа. Покрај слободата и рационалноста на поединецот, либералниот филозофски стол има трета ногарка, индивидуалната одговорност, елемент кој ја комплетирал и ја зацврстил основата за епистемолошка, онтолошка и емпириска стабилност на концептот на слободно општество: само индивидуалната слобода и самоограничувањето на рационалните поединци ќе одржат слободно и отворено општество.
Подемот на бегемотската држава и смртта на слободниот поединец
Во рамките на тој консензус, несогласувањата помеѓу работниците и индустријалците биле околу заработката, а не околу вредностите и поради тоа можело да се преговара за нив. Сè поголемото богатство, создадено од индивидуалната слобода и отворената економија, овозможило морален елемент во инаку рационалниот капитализам: економска помош за сиромашните преку социјални програми. Меѓутоа, глобализацијата и деиндустријализацијата што ја создаде ја издлаби средната класа, заедно со нејзиниот општествен консензус за гарантирање на слободите на поединецот.
Со екстремната поларизација во распределбата на богатството, создадено со глобализацијата, се зголеми незадоволството кај оние што изостанаа. Меѓутоа, сега веќе нема кредибилен медиум за преговарање за таквото незадоволство. Со губењето на социјалниот консензус, западните општества сведочат испарување на преговарачите, нивните социјалдемократски и христијанско-демократски партии. Наместо тоа, нивниот политички простор е нападнат од идеолошки аморфни политички организации како ЦДУ на Меркел и En Marche на Макрон. Со потекло од градските елити, тие претставници на микробуржоазијата – главни придобивки на глобализацијата – и економски поддржани од структурната транзиција од индустриската современост кон економија ориентирана на услуги на постмодерноста, ги истиснаа индустриската буржоазија и работниците од општествениот консензус и се обидуваат да го купат социјалниот консензус со експоненцијално проширување на социјалните програми.
Социјалните програми денес го претставуваат јадрото на политичкиот дискурс во западните демократии. Критичарите обвинуваат дека тие ја намалуваат мотивацијата на луѓето да работат и да напредуваат како продуктивни членови на нивните општества. Други ги гледаат социјалните програми како уништувачи на семејната единица; со своите прекумерни бенефиции, социјалните програми поттикнуваат разводи и нудат стимулации за „венчавање“ со Големата влада. Социјалните програми го убија духот на иницијативноста, штедливоста и самодовербата што го создаде најслободниот и најпросперитетен период во историјата на човештвото. Социјалните програми го убија слободниот поединец.
Така, одеднаш, западните општества се разбудија во страшна ситуација. Во последните седум децении, но најмногу во последните триесет години, нејзините граѓани погрешно мислеа дека можат да уживаат во слободата и во потрагата по сопствените мотиви и начела без товарот на одговорност, кој го препуштија на нивните влади. Ова не е непознато сценарио. Во својата книга „Бегство од слободата“, германскиот психоаналитичар Ерих Фром објаснува како, според моделот на Русо, Германците му го предале на Адолф Хитлер тешкиот товар на слобода и одговорност на поединецот, голем данок за нив во едно општество со традиционално непријателски став кон концептот на слободниот поединец.
Слично на тоа, во последните три децении, цели сегменти од западните општества им го препуштија на своите влади товарот на индивидуалната одговорност за индивидуалниот напредок, предизвикувајќи на тој начин невидена инфлација на социјалните програми. За возврат, владите ја презедоа таа одговорност, предизвикувајќи на тој начин постојано зголемување на нивната големина и моќ. Порано се сметаа за корисно зло, со ограничена задача за наплаќање даноци, одржување ред и спроведување договори, а сега владите во западните демократии се сеприсутни, моќни бегемоти.
Наместо посмртен говор за слободниот поединец
Така, насилството на безбедносните сили врз австралиските, британските, италијанските и другите граѓани низ западните општества само затоа што продолжуваат да веруваат во слободата на поединецот покажува дека самата идеја за слобода на поединецот веќе е мртва, заедно со општествениот договор што би ја гарантирал. Напорите на граѓаните, пак, да ги воскреснат слободата и договорот доцнат веќе неколку децении. Облаците на идеолошките диктатури се собираат на хоризонтот на западната цивилизација, но тоа не означува ништо ново. Комунизмот, фашизмот и нацизмот беа западни идеи и практики.