Првиот познат случај на Ковид-19 е продавачка на животински пазар во Вухан, тврди научник кој ги истражувал јавните податоци за да ги лоцира најраните случаи регистрирани во Кина.
Хронологијата не се совпаѓа со настаните кои се наведени во влијателниот извештај на Светската здравствена организација, во кои се наведува дека првиот познат случај бил забележан кај сметководител кој немал директна врска со пазарот во градот.
Новото истражување отвора сомнеж за тоа како оваа грешка им се случила на експертите од заедничката истрага на СЗО и Кина, а дава и дополнителна тежина на теоријата дека вирусот потекнал од диво животно кое се продавало на пазарот, а не дека протекол од виролошката лабораторија во Вухан.
Студијата, чиј автор е Мајкл Воробеј, директорот за екологија и еволуциска биологија при Универзитетот во Аризона, повторно ќе ја отвори дебатата околу потеклото на пандемијата, дилема која и понатаму останува нерешена и продолжува да ги подгрева тензиите меѓу Кина и САД.
На почетокот на годинава тим експерти на СЗО поминаа четири недели во Вухан и заедно со кинески научници заклучија дека Сарс-КоВ0-2 вирусот веројатно се пренел од лилјаци на луѓе преку друго животно, но дека се потребни дополнителни истражувања. Извештајот скоро целосно ја исклучи можноста дека Ковид-19 се појавил во лабораторија. Експертите го интервјуирале сметководителот Чен, кој немал врска со животинскиот пазар, кој наводно развил симптоми на 8 декември и тој во извештајот беше забележан како прв познат случај.
Сепак, последната анализа, објавена во списанието „Наука“, посочува недоследности во настаните. Во интервју за кинески медиум Чен објаснил дека на 8 декември бил во болница поради проблем со забите, додавајќи дека развил симптоми на Ковид околу 16 декември. Воробеј заклучува дека првиот познат случај мора да е жена продавач на морска храна, која се разболела на 11 декември.
Тој ги анализирал случаите пријавени од две болници пред да се појави тревогата со Ковид-19 и открил дека пациентите во најголем број биле поврзани со пазарот. Оние пациенти, пак, кои немале директна врска со пазарот живееле или работеле во негова близина. Најголемиот број симптоматски случаи биле поврзани специфично со западната страна од пазарот, каде во кафези се чувале ракунолики кучиња.
„Во град со 11 милиони луѓе, половина од првичните случаи се поврзани со локација која е со големина на фудбалско игралиште. Според тоа, станува многу тешко да се објасни овој шаблон доколку заразата не започнала од пазарот“, вели Воробеј за Њујорк Тајмс.