Дронови кои прелетуваат над Хрватска се обидуваат да ги обноват запалените шуми, иницијатива која основачите на идејата се обидуваат да ја направат глобална, пренесува „Independent“.
Тактиката не е нова, но количината на посеаните семиња е далеку поголема во Хрватска, за разлика од другите земји.
„Освен семиња, дроновите сеат песок, треви, глина и чили. Ставаме чили, бидејќи на овој начин дивите животни не ги јадат семињата“, изјавил Горан Ладишиќ, еден од основачите на компанијата „Магична шума“.
Пожарите во Хрватска, најчесто се случуваат во реони кои се недостапни пеш, па авионскиот метод функционира, дополнуваат основачите.
„Започнавме да го воведуваме овој иновативен метод бидејќи имаме многу пожари, последниот поголем пожар се случи во 2009 година“, изјавил Тихомир Буданко, градоначалникот на општината Промина.
Основачите работеле на идејата повеќе од две години. По првите летови, тестирањата покажале дека 40 отсто од посеаните семиња пуштиле корени.
Иван Видаковиќ, кој ги контролира летовите на дроновите, вели дека за осум часа и со користење на четири до пет дронови, проектот може да покрие 10 хектари почва.
Досега, основачите на идеата користеле семиња од неколку видови на даб, но тој може да функционира со семе од секакви дрвја.
Компанијата досега остварила контакт и со Украина, Босна, Црна гора, Австрија и Калифорнија.