Во година исполнета со огромни хакерски напади и протекување разни податоци човек би помислил дека ќе бидеме повеќе свесни за заштита на нашите податоци. Но, ако судиме според овогодишната листа на 200 најпопуларни лозинки во светот, може да се утврди дека мнозинството од нас немаат научено ништо од овие онлајн злоупотреби.
„123456“ и во 2021 година останува најупотребуваната лозинка во светот, која ја употребувале најмалку 103 милиони корисници за влез во своите интернет профили низ светот. Според експертите од „Норд Пас“, кои ја изработуваат анализата, оваа шифра, како и поголемиот дел од 200-те најлоши лозинки, може да се пробие за помалку од една секунда.
На првите пет места се наоѓаат уште и: „123456789“, „12345“, „qwerty“ и „password“.
Иако овие комбинации се очигледни кандидати да се најдат на листата, на неа годинава се наоѓаат и некои поспецифични, но исто така лоши лозинки. Некои од најпопуларните се „iloveyou“, „baseball” и “dragon”.
Дел од малку потешките лозинки за хакирање, кои сепак се многу лоши за заштита на нашите онлајн податоци, се и „1g2w3e4r“ или „gwerty123“, за кои е потребно 3 часа за да бидат пробиени.
Норд Пас истовремено нуди и посебен сервис кој автоматски генерира силни лозинки кои се тешки за пробивање. Неколку примери од нив се: „%#mtzFAGQ##2“, „y3hxS^#WPSvP“ или „99y8NT%sRx5v“.