По 10 дена гласање на www.kniganagodinata.mk, оттаму информираат дека завршило гласањето, со што македонските читатели ги избрале своите омилени книги за 2021 година со над 40.000 гласови.
Според информациите на сајтот, „Избор на книга на годината“ е избор на најпопуларните, најдобрите, најбараните, најпродаваните, најсподелуваните, „најзборуваните“, најпрепорачуваните книги во земјата во текот на изминатата година, според читателите.
„Македонските издавачи секоја година преведуваат и издаваат купишта книги, книжарниците се преполни, читателите секогаш се во потрага по the next big thing, по следната книга што „не смее да се пропушти“, секогаш следат странски избори и награди… накратко кажано, се враќаме на онаа старата, „На светот има премногу книги, а премалку слободно време“. Како да знаеме што е навистина добро, што навистина вреди“, велат организаторите.
Тие дополнуваат дека токму така се родила и идејата за Изборот, кој на едно место ги собира сите најдобри (и домашни, и странски) книги издадени во Македонија во текот на изминатата година.
Изборот нуди девет категории, а во секоја категорија има простор за 15 до 20 номинации, кои се најтесна селекција на сите номинирани книги од сите издавачи во земјата во текот на периодот на номинации кој му претходи на изборот.
„Потоа следи масовно онлајн гласање од сите читатели во земјата на база: еден читател може да даде само по еден глас за една книга во секоја категорија. Гласањето трае 10 дена, а потоа стручната комисија ги сумира резултатите и ги објавува победниците“, објаснуваат организаторите.
Според гласовите на читателите, ова се наградените книги по категорија:
Категорија „Трилери и мистерии“
- Прво место, „Убиецот со распетието“ – Крис Картер
- Второ место, „На пат кон дома“ – Себастијан Фицек
- Трето место, „Човек од костени“ – Сорен Свејструп
Категорија „Романси“
- Прво место, „Шефот од соништата“ – Вај Киленд
- Второ место, „Куба од моите соништа“ – Шанел Клитон
- Трето место, „Седумте мажи на Евелин Хуго“ – Тејлор Џенкинс Рејд
Категорија „Историски романи“
- Прво место, „Искра надеж“ – Џулијан Меклејн
- Второ место, „Птиците умираат пеејќи“ – Колин Мекалоу
- Трето место, „Четирите ветришта“ – Кристин Хана
Категорија „Женска фикција“
- Прво место, „Те молам внимавај на мама“ – Кјонг-Сук Шин
- Второ место, „Прекрасната самотија“ – Кристин Хана
- Трето место, „Загубената сестра“ – Лусинда Рајли
Категорија „Домашни автори“
- Прво место, „Во војната и љубовта“ – Верица Митева
- Второ место, „Храмот на натписите“ – Петар Стојановски
- Трето место, „Куклата на Ана“ – Наде Стојилковиќ
Категорија „Young adult“
- Прво место, „Коски на срцето“ – Колин Хувер
- Второ место, „Дамски гамбит“ – Волтер Тевис
- Трето место, „Хари Потер и пламениот пехар“ – Џ.К.Роулинг
Категорија „Нефикција“
- Прво место, „Закопајте ми го срцето кај ранетото колено“ – Ди Браун
- Второ место, „Подарокот“ – Едит Егер
- Трето место, „За што зборувам кога зборувам за трчањето“ – Харуки Мураками
Категорија „Детски книги и сликовници“
- Прво место, „Мистериозниот град под калето“ – Александра Тодоровиќ
- Второ место, „До небото и назад“ (едиција Светулка)
- Трето место, „Кој се плаши од Црвенкапа“ – Сара Шахинканат
Категорија „Поезија“
- Прво место, „Песни“ – Есенин
- Второ место, „Девет преобразби во чудната шума“ – Пандалф Вулкански
- Трето место, „Невино време“ – Иван Иванов
Орханизаторите известуваат дека според базата на податоци на COBISS.MK за сите поголеми библиотеки во земјата, најбарани книги во библиотеките за 2021 година имаат издавачите „Сакам Книги“, „Матица“ и „Култура“.
Награди од комисија за специјален придонес во издаваштвото:
Комисијата за специјален придонес во издаваштвото ги наградила и издавачките куќи „Антолог“ – за оригиналниот и максимално иновативен проект „Книжарница на тркала“, додека издавачката куќа „Три“ е наградена за целокупната замисла, градација и реализација на проектот „Стела и Сани“- сликовници, детски книги, боенки и тетратки, книги за млади читатели и детски песнички со видео записи на Youtube.
Издавачката куќа „Чудна шума“, е наградена за особениот придонес во сферата на детската литература, за креативноста и иновативноста на изданијата и промовирање на читањето кај децата.
„Книга на годината со најмногу освоени гласови од читателите во сите категории, е „Коски на срцето“ од Колин Хувер со освоени 1597 гласови. Книга од авторка која со години е на топ листите на најпродавани во земјата и една од најбараните во библиотеките“, велат организаторите.