Нов сој на Ковид-19, кој содржи екстремно висок број мутации, може да донесе нови бранови на заразата преку избегнување на имунолошките одбранбени механизми, предупредуваат научниците.
Преку генетско секвенцирање засега се потврдени само 10 случаи на овој сој во три држави, но варијантата предизвика голема загриженост кај експертите поради бројот на мутации.
Варијантата наречена Б.1.1.529 има 32 мутации на шилестиот протеин, делот од вирусот кој најголемиот број на вакцини го користат за да го подготват имуниот систем против коронавирусот. Мутациите на овој протеин можат да придонесат вирусот полесно да ги инфицира клетките и да се шири, но истовремено и да станува потежок за напад од имуниот систем.
Овој сој првпат бил регистриран во Боцвана, каде се забележани три случаи. Шест други се потврдени во Јужна Африка и еден во Хонг Конг, кај патник кој се враќал од оваа африканска држава.
Вирологот Том Пикок, од Кралскиот колеџ во Лондон, објави детали за новиот сој на вебсајт посветен за споделување на геномите, додавајќи дека „многу високиот број мутации во шилестиот протеин може да биде сериозно загрижувачки“.
„Вреди да се напомене дека во моментов се работи за мали бројки во регион во Африка каде се земаат голем број на примероци. Сепак оваа варијанта и тоа како заслужува да биде мониторирана поради тој страшен профил на шилестиот протеин“, вели д-р Пикок во серија Твитови, додавајќи дека негово мислење е дека во поглед на антигенски одговор овој сој би бил најопасен досега.
Тој истовремено појаснува дека постои одредена шанса оваа варијанта да е само „чуден кластер кој не е многу пренослив“.
„Се надевам дека станува збор за такво нешто“, вели Пикок.
Научниците ќе ја следат новата варијанта за било каков знак дека тој забрзано се шири. Некои виролози во Јужна Африка веќе се загрижени, особено поради скорешниот скок на случаите во регионот Гаутенг, подрачје во кое се наоѓаат и Преторија и Јоханесбург, каде Б.1.1.529 бил регистриран.
Рави Гупта, професор за клиничка микробиологија од Универзитетот Кембриџ, вели дека неговата лабораторија пронашла две од мутациите на новиот сој ја зголемуваат инфективноста и ја намалуваат неговата препознатливост од страна на антителата.
„Секако дека има голема загриженост поради бројот на мутации. Сепак, главното својство за вирусот кое е непознато е инфективноста, бидејќи токму тоа го придвижи Делта сојот. Избегнувањето на имуниот одговор е само дел од сликата за тоа што може да се случи“, вели Гупта.
Според професорот Франсис Балу, директорот на Институтот за генетика на Универзитетскиот колеџ во Лондон, големиот број мутации во варијантата најверојатно се собрале одеднаш, сугерирајќи дека можно е да еволуирале за време на хронична инфекција кај лице со веќе ослабен имунитет, веројатно кај нелекуван пациент со ХИВ/СИДА.
„Дефинитивно би очекувал овој вирус да биде слабо препознаван од неутрализирачките антитела, во споредба со Алфа и Делта варијантите. Тешко е да се предвиди колку тој би бил пренослив во оваа фаза. Засега треба да биде детално следен и анализиран, но не постои причина за преголема загриженост, освен ако неговата фреквенција не почне да се зголемува во блиска иднина“, додава Балу.