Средношколците кои ја гледале серијатa преку УСБ, се осудени за затворска казна, пренесува „DazedDigital“.
Медиумите пренесуваат дека маж во Северна Кореја е осуден на смртна казна, откако бил фатен како шверцува копии од јужнокорејската серија „Squid game“, која стана една од најгледаните серии на „Netflix“.
Според „Радио Слободна Азија“, властите го пронашле осуденикот, откако откриле дека средношколци ја гледаат серијата. Тие исто така се осудени на строги казни.
Според медиумите, копиите од серијата биле прошверцувани преку УСБ од Кина, каде шоуто е недостапно, но истовремено и многу популарно бидејќи граѓаните го гледале преку пиратски веб страни.
Според „Радио Слободна Азија“, шверцерот е осуден на смртна казна со стрелање.
Еден од учениците кои купил УСБ со серијата е осуден на доживотна казна затвор, а шест ученици кои ја гледале „Squid game“ се осудени на пет години тешка физичка работа.
Наставниците и училишната администрација се отпуштени од работа, а најверојатно ќе бидат казнети и со работа во рудници.
„Сè започна минатата недела, кога средношколец потајно купил УСБ со јужнокорејската серија „Sqiud game“ и ја гледал со најдобрите другари од класот. Тој тајната ја споделил и со други средношколци кои биле заинтересирани за серијата, па им го позајмил УСБ-то. Некој дојавил до цензурата, која подоцна ги фатила средношколците“, изјавил извор од полицијата од реонот Северен Хамгујонг.
Минатата година, лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, најави построги казни за поседување на видео-игри од Јужна Кореја, како дел од кампања против надворешно културно влијание.
Негативни кампањи се водат и за одреден тип на фризури и тесни фармерки, а минатата година Ун ја забрани и корејската поп музика, нарекувајќи ја „канцерогена“.