Норвешка го осуди приведувањето на два телевизиски новинари во Катар пред претстојното Светско фудбалско првенство во 2022 година.
Новинарите на Норвешката државна телевизија (НРК), Халвор Екеланд и Локман Горбани, биле задржани од полицијата повеќе од 30 часа додека им биле избришани снимките кои ги направиле од мигрантскиот камп со работници кои работат на објектите за првенството.
Двајцата новинари, кои се вратени во Норвешка, работеле на сторија за работничките услови пред турнирот кој ќе се организира следната година.
Катарските власти ги обвиниле новинарите за „нарушување на приватен имот“ и „снимање без дозвола“, но норвешкиот премиер, Јонас Гар Стор во неговиот одговор вели дека апсењето е „неприфатливо“.
„Слободните медиуми се клучни во функционална демократија. Ова само ја потврдува важноста на овогодишното доделување на Нобеловата награда за мир (која е доделена на новинари). Среќен сум што Халвор Екеланд и Локман Горбани сега се ослободени“, напиша Гар Стор на Твитер.
Екеланд, кој е спортски новинар и Горбани, кој е фотограф, изјавиле дека властите не им дозволиле да го напуштат градот Доха со нивната опрема.
Според катарските власти новинарите биле уапсени по пријава од сопственик на приватен имот. Тие велат дека Екеланд ја добил потребната дозвола за снимање пред да дојде во земјата, но додаваат дека таа дозвола не е посилна од другите закони во земјата, кои, според нив, Екеланд и Горбани свесно ги прекршиле.
Катар се соочи со голем број критики за условите на мигрантите работници кои работат на објектите за претстојното Светско фудбалско првенство. Земјата ги отфрла овие критики со образложение дека ги промениле нивните закони за работа и вовеле минимална плата.
Норвешкиот фудбалски тим, кој не е квалификуван на Светското првенство во 2022, имаше иницијатива за бојкотирање на ова натпреварување, а на фудбалски натпревар во март фудбалерите носеа маички на кои беше изразена загриженост за човековите права во Катар.
На почетоков на годинава, весникот Гардијан имаше истражување во кое откри дека 6,500 работници мигранти умреле во Катар откако оваа земја го има добиено правото за организирање на Светското првенство.