Првиот случај во Европа на новиот сој од Ковид-19 е регистриран во Белгија.
Оваа варијанта, засега позната под називот Б.1.1.529, била идентификувана кај невакцинирана млада жена која развила благи симптоми на грип 11 дена откако патувала во Египет преку Турција.
Пациентката не пријавила никаква поврзаност со Јужна Африка или други држави во јужниот дел на африканскиот континент каде овој сој беше првично откриен.
Ниту еден од членовите на нејзиното семејство засега немаат развиено симптоми.
Според научниците од универзитетите во Ловен, кои го регистрирале случајот, пациентката имала висока концентрација на вирусот кога била дијагностицирана со Ковид-19.
Новиот сој на Ковид-19 ги загрижува светските виролози поради екстремно висок број мутации кој може да донесе нови бранови на заразата преку избегнување на имунолошките одбранбени механизми.
Денеска Европската Комисија предложи воведување рестрикции за авионскиот сообраќај од јужните региони на Африка.
Преку генетско секвенцирање до вчера беа потврдени само 10 случаи на овој сој во три држави – Боцвана, Јужна Африка и Хонг Конг.
Б.1.1.529 има 32 мутации на шилестиот протеин, делот од вирусот кој најголемиот број на вакцини го користат за да го подготват имуниот систем против коронавирусот. Мутациите на овој протеин можат да придонесат вирусот полесно да ги инфицира клетките и да се шири, но истовремено и да станува потежок за напад од имуниот систем.