Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во соработка со полициски службеници од СВР Скопје извршиле информативен разговор со В.Е. од Скопје поради основи на сомнение дека преку Фејсбук објавил коментар кој содржи елементи на говор на омраза поврзан со автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 лица.
„Имено, по добиена пријава за објавен коментар на профил на телевизиска куќа, кој се однесува на трагичната автобуска несреќа во која загинаа 45 државјани на РСМ, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика презема мерки и активности и го утврди лицето кое стои зад напишаниот коментар со елементи на говор на омраза, а во соработка со полициски службеници од СВР Скопје беше утврдено дека ова лице е со место на живеење на подрачјето на СВР Скопје“, информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика за случајот испратил известување до јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и додаваат дека по целосното расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Пред два дена во Софија беше приведен 24-годишен маж кој исто така објавил недолични коментари на Фејсбук поврзани со трагичната несреќа во Бугарија.
Како што наведоа бугарските медиуми, тој ќе подлежи на истрага за ширење омраза врз национална основа, а за вакви прекршоци законот предвидува казна затвор од 1 до 4 години и глоба од 2.5 илјади до 5 илјади евра, како и јавно извинување.