На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
1. „Младите размислуваат“ – медиумска писменост од прво одделение до факултет
Преку петгодишниот проект „Младите размислуваат“ ќе се работи на вклучување на медиумската писменост во наставните програми и ќе се едуцираат млади од прво одделение, па се’ до студентите во универзитетите. Меѓувремено, ќе се организираат и обуки за наставници од основните и средни училишта во цела држава, ќе се обезбедат ресурси, материјали за подготовка на наставниците, вклучувајќи прирачници и збирки на вежби. Од една страна, целта е да се изгради отпорност од дезинформации, а истовремено и да се гради активно, одговорно граѓанство водено од емпатија.
2. Нејасни насоки и слаба вклученост на наставниците и учениците – ковид мерките за образованието не стигнале секаде
Недобивање на ковид мерките до дел од училиштата, недоволно обуки, невклучување на граѓанските организации во процесот, недоволно јасни мерки, недоволна вклученост на учениците, но и партизацијата се дел од предизвиците со кои образовниот процес се соочил во пандемијата.
Ова го покажуваат наодите од новото истражување насловено „Влијанието на мерките на Владата на Република Северна Македонија за справување со КОВИД-10 врз секторот образование“. Истражувањето ги анализира сите документи што се изготвиле во форма на мерки за спречување на ширењето на пандемијата КОВИД-19 од 11 март, па сè до 1 декември 2020 година.
3. „Не верувавме дека ќе направиме ваков огромен успех“ – македонските CS:GO шампиони ги сумираат впечатоците
„Реално никој не веруваше дека ќе стигнеме толку далеку и дека ќе направиме ваков огромен успех. Сите беа со помислата дека најпрво ќе поминеме групи, па да стигнеме до плејоф и натаму гледавме само да изиграме меч по меч и не гледавме ни дали ќе стигнeме полуфинале, ни финале“.
На овој начин македонскиот CS:GO (Counter-Strike: Global Offensive) репрезентативец Александар Ќулукоски кој се натпреварува под името „CacaNito“ за Радио МОФ го опишува искуството од Светското првенство на Меѓународната еспорт федерација (ИЕСФ) кое го освои Македонија. Македонските репрезентативци го добија златото откако ја победија Романија на 2 мапи.
4. [Видео] На Час: Медиумска писменост во формалното образование
Како новиот проект „Младите размислуваат“ би помогнал во внесување на медиумската писменост во наставните програми и би се едуцирале млади од прво одделение, па се до студентите на универзитетите? Потребни ли се дополнителни обуки за наставниците во образованиот систем? Што бараат младите, какви вештини им се потребни за поефективно медиумско описменување и критичка опсервација на различните медиумски пораки? Воедно, треба ли поголема одговорност од младите во нивната комуникација со околината?
Овие прашања беа во фокус на новата дискусија „На Час“, каде за медиумската писменост во формалното образование зборувавме со Михајло Лахтов, директор на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, со Тамара Ќупева, научна соработничка во Институтот за македонска литература и долгогодишна професорка во средно училиште, но и со Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци.
5. Симона Наумовска e новa студентскa лидерка на УКЛО
Симона Наумовска, редовна студентка на Ветеринарниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола е избрана за нова студентска лидерка.
Претходно, функцијата студентски лидер на УКЛО во два наврати ја извршуваше Дона Петрова од Правниот факултет.
БОНУС – Побарај совет од психотерапевт
Радио МОФ повторно ја отвора платформата за психолошко советување, каде можете да поставувате прашања и да добиете одговори од нашите психолози-психотерапевти.
Во соработка со група лиценцирани психолози-психотерапевти, поставените прашања ќе бидат ревидирани и одговорени со стручно мислење и совет, соодветно на нивната сфера на експертиза. Прашањата и одговорите на психолозите ќе бидат објавувани на нашиот сајт под псевдоними и анонимно.