Еко-активистите од „О2 Иницијатива“ реагираат дека завчера во Собранието не се усвои амандманот за промена на загадувачкиот начин на загревање на здравствените установи во најзагадените градови во земјава.
„Со 8 гласови против (5 на СДСМ, 2 ДУИ, 1 Беса) и 6 за (4 ВМРО-ДПМНЕ, 1 ГРОМ, 1 Алијанса за Албанците) амандманот не се усвои. Пратениците од зелената група во Собранието од владеачкото мнозинство гласаа против амандманот. Сакаме да веруваме дека не биле добро информирани, па упатуваме јавен повик до нив и до министерот за финансии Фатмир Бесими да го постават повторно комисиски овој амандман и да го усвојат. Благодарност до пратеничките од зелената парламентарна група Велика Стојкова Серафимовска и Гордана Силјановска Давкова кои го застапуваа амандманот“, соопштуваат од „О2 Иницијатива“.
Ако во изминативе 10 години секоја година се вложувале по 400.000 евра, велат тие, сега ниту една болница во земјава немаше да користи мазут/нафта. Посочуваат дека во изминативе 5 години само 2 болници го променија начинот на греење, но најава за други нема.
„Со амандманот се бараат 3 милиони евра да се наменат за промена на загадувачкиот начин на греење со мазут/нафта на здравствени и образовни установи во најзагадените градови во земјава. Со овие средства може да се промени начинот на греење на 12 болници во земјава, во Скопје детската болница во Козле, рехабилитација во Капиштец, геријатрија во Ѓорче, психијатрија во Бардовци, општите болници во Куманово, Битола, Тетово, Прилеп, Гостивар, Кавадарци, Велес, Кичево и други установи“, стои во соопштението.
Еко-активистите потенцираат дека, на тој начин, огромно загадување ќе се тргне од воздухот каде најранливите се лекуваат и ќе се допринесе кон намалување на јаглеродните емисии.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, вчера повторуваше дека средства за оваа намена има во Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор. Но, велат тие, кога ќе се погледне, не се наоѓаат.
„Вкупните средства за овој проект се 25 милиони евра, заем од Светска банка од април годинава. За општините се одвоија 10.5 милиони евра (јавен повик во мај годинава). Дел од средствата се наменети за техничка помош за формирање Фонд за енергетска ефикасност и почетен капитал (нема податоци за сумите). За јавните здравствени установи предвидени со овој проект, министерот Филипче во мај изјави дека со средства од овој проект ќе се постават енергетски ефикасни кровови, фасади, нови прозорци, врати и делумно уредување на внатрешноста во здравствените домови во Валандово, Кратово, Крива Паланка, Неготино, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Св. Николе, Поликлиника Идадија во Здравствен дом во Скопје, Институтот за физикална медицина и рехабилитација во Козле во Скопје, на терциерно ниво УК за психијатрија, во Здравствениот дом во Штип како и во повеќе здравствени институции, станици коишто се дел од здравствените домови, во село Карбинци, село Пештани, село Белчишта, село Бучин, село Герман, село Ранковце, село Зрновци, село Блатец и село Извор. Пари за промена на греењето со мазут/нафта на болниците во загадените градови на државава НЕМА“, забележуваат од „О2 Иницијатива“.
Министерот Бесими, дополнуваат активистите, спомнал дека средствата во владината потпрограма Зелен развој се многу поглеми од средствата кои се бараат за оваа намена, вкупно 27.6 милиони евра, од кои 16.3 се планирани од донации.
„Нека се одвојат 3 милиони евра од оваа потпрограма за промена на начинот на греење на болниците и здравствените установи во загадените градови во земјава. Само на овој начин ќе се потврди дека пари за оваа цела ќе има и голем број од болниците ќе стават крај на употребата на мазут/нафта. Очекуваме поддршка од пратениците, членови на Комисијата за финансирање и буџет, кои се дел од зелената група во Собранието, Марија Георгиевска, Кастриот Реџепи, Арта Билали-Зендели, Даниела Маркоска, Бастри Бајрами, Драгица Ѓавочанова, Јован Митрески“, се вели во реакцијата.