„Како се чувствуваме? Веројатно бесно, исфрустрирано, после не знам колку години. Очигледно оваа институција мора да биде исчистена од корен и без шминки за да добиеме какво и да било решение и одлуки што се валидни“, рече активистот Славчо Димитров од Коалиција МАРГИНИ кој денеска се појави на протест пред Основното јавно обвинителство (ОЈО).
Тој заедно со уште неколку граѓани се револтирани од слабата заинтересираност на надлежните да ги расчистат случаите на напад врз ЛГБТИ активисти низ годините.
Конкретно Димитров бил жртва пред девет години по нападот врз ЛГБТИ Центарот во Старата скопска чаршија, но и пред седум години по нападот во „Дамар“ за време на роденденот на ЛГБТИ Центарот. Покрај ова, бил и индивидуално напаѓан на улица. Но, за сите овие случаи тој и понатаму чека правда.
„Ние протестиравме уште пред девет години. Имавме секоја недела овде протести со најразлични форми, со најразлични пораки. Многу луѓе беа сериозно физички повредени и до ден денес живееме со траумите од тие неколку напади. Ние бевме затворени во простор во кој се обидуваа да нè запалат, во кој нè каменуваа. Се плашевме да пројдеме низ чаршијата, се плашевме како да се движиме низ центар и се плашевме каде, во кој простор ќе ги поставиме нашите канцеларии“, истакна тој.
„Нема основи за сомнение за сторено кривично дело“
„Звучи неверојатно дека после девет години повторно сме тука, пред Основното јавно обвинителство. Но, неверојатно, за жал, и после девет години од првиот напад од ЛГБТ Центарот, ние добиваме известување за напад кој е пред седум години и за кој нè известува Обвинителството дека МВР ги известило дека немаат форензичка технологија за препознавање и компарирање на лица кои се на снимките од нападот врз „Дамар“. Поради тоа, тие нема да покренат постапка и дека нема основи за сомнение дека е сторено кривично дело“, појасни Кочо Андоновски од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Според него, со ова непостапување на надлежните, тие не само што го покриваат ова злосторство од омраза, туку ги обесхрабруваат сите други кои доживуваат насилство да не пријавуваат.
Од Комитетот за човекови права веќе поднеле жалба на одлуката на ОЈО, информираше Андоновски.
Со последната одлука, смета Димитров, Обвинителството потврдило дека само сака да го тргне случајот од своите фиоки.
„Јасен индикатор дека Основното јавно обвинителство е ужасно хомофобична институција којашто и после толку години ни ги потврдува стравовите и претпоставките што ги имавме за нивните предрасуди. Ако пред повеќе години мислевме дека оваа институција е под притисок на претходната влада, која знаеме дека беше конзервативна, хомофобична и авторитарна, сега ја нема таа влада, а Обвинителството постапува на истиот начин. Тоа значи дека проблемот е внатре во самата институција без разлика на поширокото политичко опкружување во кое таа работи“, смета Димитров.
Активистите преку протестот го повикаа Советот на јавни обвинители поригорозно да ја следи работата на јавните обвинители и да биде поактивен во утврдувањето на нестручно и несовесно вршење на функцијата.
Ова не е прва реакција на граѓанските организации за работата на обвинителството, но поради како што велат, немањето слух и отсуството на промени во дејствувањето, најавуваат дека нема да им биде последна.
Е.П.