Лицата со оштетен слух ќе може бесплатно да ги користат паркинзите на Општина Центар (ПОЦ), соопшти градоначалникот, Горан Герасимовски.
На средбата иницирана од Герасимовски бил потпишан Меморандум за соработка меѓу Васко Кичевски, директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и Томица Стојановски, претседателот на Националниот сојуз на глуви и наглуви, со кој по одлуката на Советот на Општина Центар ќе почне и неговата примена.
„Со овој Меморандум за користење на бесплатно паркирање на паркинзите под надлежност на општината конечно го исполнуваме неколку годишното барање на лицата со оштетен слух. Оваа услуга, која веќе ја користат лицата со оштетен вид и телесен инвалидитет, досега не беше овозможена за лицата со оштетен слух. Токму затоа беше и нашата средба пред месец и половина која се заложив дека ќе им излезам во пресрет“, изјави Герасимовски.
Ваквата привилегија на паркинзите ќе може да ја користат сите лица кои поседуваат лекарска потврда за оштетен слух од над 90% и сите членови на Националниот сојуз на глуви и наглуви.