„Стоп за висококатници во центарот на Скопје“ – протест пред ЈО во петок

Граѓанската иницијатива „Зелен Хуман Град“ (ЗХГ) во петок од 16 часот организира протест пред Јавното обвинителство насловен „Стоп за висококатници во центарот на Скопје“.

Најавата за протестот доаѓа откако ЗХГ побара итно запирање на градежните активности спроти „Холидеј ин“ откако на ова место започна изградбата на комплексот „Гранд“. Истовремено, тие ги повикаа скопјани да им се придружат во притисокот кон институциите, против како што велат, беззаконието спроти „Холидеј ин“.

„Во Македонија годишно умираат повеќе од 3.500 луѓе од загаден воздух! Ако се дозволи изградбата уште повеќе ќе се спречи струењето на воздухот што ќе резултира со уште поголемо негово загадување и дополнително ќе се влоши квалитетот на живот во центарот на Скопје. Центарот ќе биде парализиран од сообраќаен метеж и луѓето што живеат и работат во близина нема да може да ги извршуваат секојдневните обврски“, се вели во најавата за протестот.

Оттука, тие бараат итно запирање на градежните активности поради сомнеж за корупција и злоупотреби на службената должност. Исто така, тие барат јавното обвинителство најитно да се произнесе по иницијативата од Државната комисија за спречување корупција.

„Владата да одвои средства од централниот буџет доколку О. Центар нема доволно за новомаалци да добијат решение и излез од нехуманите услови во кои живеат. Советот на Општина Центар најитно да го изгласа елаборатот за суспензија за натамошно спроведување на овој ДУП.  Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам најитно да спроведе надзор врз основа на претставката поднесена од Зелен Хуман Град“, бараат тие.

Дополнително, тие бараат и да се распише меѓународен конкурс за локацијата, со која што велат дека ќе се гарантиран зелено и хумано решение.

*ДОПОЛНУВАЊЕ

Одложен е протестот за понеделник во 16 часот на истата локација. Организаторите се решија да го одложат во знак на сочувство со семејствата и кон загинатите во автобуската несреќа чии посмртни останки денес ќе бидат пренесени во Македонија .

„Петок нека биде ден за сочувство со семејствата на загинатите“, се вели во објавата на Зелен хуман град.