Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска издала писмен налог до сите јавни институции под надлежност на Градот да направат проценка и да постават пристапни рампи за лица со попреченост, информираа од Град Скопје.
Рокот за имплементација на оваа активност, како што велат тие е 60 денови.
„Градот Скопје започнува сеопфатна програма за остварување на еден од главните приоритети за остварување на правата од социјална заштита на лицата со попреченост, односно подобрување на квалитетот на секојдневното живеење и создавање услови за независен живот“, се додава во соопштението на Град Скопје.
Оттаму велат дека поставувањето на пристапните рампи е дел од Програмата на Град Скопје за овозможување поголема пристапност за лицата со попреченост до институциите во градот.