Речиси три милијарди луѓе или 37 отсто од светската популација никогаш не користела интернет и покрај фактот што поради пандемијата на коронавирусот сѐ повеќе луѓе се онлајн, соопштија од Обединетите нации, пренесува „Данас“.
Според Меѓународната унија за телекомуникации на ОН (ИТУ), 96 отсто од 2.9 милијарди луѓе кои не користат интернет живеат во земјите во развој.
Агенцијата исто така соопшти дека бројот на корисници на интернет од 4.1 милијарди луѓе во 2019 година пораснал на 4.9 милијарди оваа година, делумно поради пандемијата на коронавирусот.
Сепак, дури и меѓу нив, стотици милиони можат да бидат онлајн само повремено бидејќи ги споделуваат уредите на кои може да се пристапи на интернет со други или имаат проблем со брзината на интернет конекцијата.
Генералниот секретар на ИТУ, Хулин Жао рече дека агенцијата на ОН ќе работи на тоа да се дадат гаранции за да се воспостават темели за овозможување на пристапот до интернет за преостанатите 2.9 милијарди луѓе. „Решени сме да дадеме гаранции дека никој нема да биде изоставен“, рече тој.