Ретка снимка од поларна мечка како брка елен во водата и го убива, се смета за уште еден потенцијален доказ за климатската промена. „Еуроњуз“ пренесува дека видеото е снимено од полски истражувачки тим кој случајно на камера го фатил случувањето.
На снимката се гледа како женската поларна мечка прво го дави својот плен, по што го носи на брегот за да го изеде. Видеото кое е снимено на Шпицбершките Острови во Норвешка, каде ледените брегови се повлекуваат, покажува дека поларните мечки се принудени да поминуваат подолго време на копно.
Со намалувањето на популацијата на фоките, а со растот на популацијата на елените, поларните мечки се принудени да ги сменат своите навики за исхрана.
Ваквиот настан се гледа како дел од серија на опсервации кои сугерираат дека поларните мечки сè повеќе ловат копнени животни, за да го надоместат недостатокот од својата нормална исхрана.
На Шпицбершките Острови, кои се наоѓаат на 1000 километри од Северниот Пол, живеат околу 300 поларни мечки и 20.000 елени.
Постојат повеќе индикации дека во последните децении, поларните мечки сè почесто ловат елени.