Протести во Србија, илјадници демонстранти ги блокираа патиштата

Илјадници демонстратори ги блокираа важните патишта ширум Србија, откако јавноста се спротистави на планот за копање на литиум од страна на рударската компанија „Рио Тинто“, пренесува „Гардијан“.

Во Белград, демонстрантите протестираа на автопати и мостови кои го спојуваат главниот град со предградијата. Собраните жители извикуваа анти-владини слогани, додека пак некои носеа протестни плакати со критики кон рударскиот проект.

Низ помалите градови низ Србија се одржаа помали собири, а во Нови Сад дошло до судир помеѓу демонстранти и контра-демонстранти.

„Им дозволија на странски компании да прават што сакаат со нашата земја. Нè ставаат на тацна, кој сака може да дојде и да прави што ќе му текне“, изјавила Владислава Чвориќ, педесетишестгодишна економистка, присутна на протестот.

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ споделил фотографија од протестот на Инстаграм, пишувајќи – „чистиот воздух, водата и храната се клучни за здравјето. Без нив, секој збор за здравјето е празен“.

Протестите се продолжение на демонстрациите од минатата недела, кога маскирани лица ги нападнаа собраните жители во Шабац, што предизвика гнев на социјалните мрежи и обвиненија дека Владата користи хулигани за да го задуши движењето.

Значителни количества на литиум – клучна супстанца за батерии за електрични автомобили, се пронајдени во западниот град Лозница. Токму таму, англо-австралиската компанија купува земјиште, но сè уште ја очекува државната дозвола за да започне со копање литиум.

„Рио Тинто“ ги откриле количествата на литиум во 2006 година.

Компанијата планира да инвестира 2.12 милијарди евра во проектот, изјавиле од српските подружни фирми на „Рио Тинто“.

Критичарите ја обвинуваат Владата на Александар Вучиќ за нелегално присвојување на земјиште, како и за отфрлање на грижата за околината.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)