Да се влезе во најпознатиот берлински ноќен клуб „Берхаин“ е тешка задача, дури и за некои од најпознатите светски диџеи. Тие бараат УНЕСКО да му даде статус на културно наследство на берлинското техно, пренесува „Гардијан“.
Изведувачите зад фестивалот „Љубовна парада“, односно диџеите што се жанровски пионери, како и претставниците од најголемите клубови на Берлин, веруваат дека поддршката од телото на ОН е важно за зачувување на иднината на овој андерграунд жанр.
По паѓањето на Берлинскиот ѕид, како и цутот на техното во Детроит во средината на осумдесеттите години, Берлинците го присвоија музичкиот жанр како совршена музика за сплотување. Напуштените бункери, електроцентрали и фабрики во источниот дел од градот беа преплавени со рејвери кои ја славеа слободата.
Но, коронавирусот и гентрификацијата се ризици за преживувањето на „слободниот, дивиот и креативен Берлин“, според Алан Олдхем, детроитскиот диџеј кој бил дел од колективот „Андерграунд отпор“.
„Заштитата од УНЕСКО многу ќе помогне во зачувањето на стариот дух. Легендарните локали како „Трезор“ или „Бергхаин“ на пример, ќе бидат заштитени како културни обележја“, додал тој.
Димитри Хегеман, основачот на „Трезор“ е уште еден поддржувач на каузата.
„По падот на Берлинскиот ѕид, техното го трансформираше Берлин. Источните деца го сакаа, западните деца го сакаа и со техното тие се спојуваа. Тоа беше шанса да се проба нешто ново, како кога по Втората светска војна во Париз, Мајлс Дејвис се претстави со џез. Во 1989, 1900, луѓето од Полска доаѓаа тука, но не знаеа англиски. Новата генерација на детроитското техно немаше зборови. Немаше глупави пораки, само музика за танцување“, вели Хегеман.