Радио МОФ повторно ја отвори платформата за психолошко советување, каде лиценцирани психолози/психотерапевти дадоа стручно мислење на конкретни прашања што ги поставија нашите читатели. Нивните одговори ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.
Моите родители беа вербално навредливи кон мене уште од детство. За една година почнувам на факултет и ме натераа да се чувствувам дека нема да поминам добро на факултет затоа што никогаш не сум бил најпаметен на училиште. Никогаш не верувале во мене дека можам да ги остварам моите соништа или да бидам подобар, или да бидам попаметен. Само сум збунет што да чувствувам, се чувствувам како засекогаш ќе бидам неуспешен во сè тоа што се трудам. Боли кога не гледаат дека се трудам. Се повредував себеси затоа што никогаш не сум се чувствувал дека имам контрола во мојот живот, затоа што никогаш не бев доволно добар за нив. Ситуацијата е повеќе како да престанам да се плашам од своите родители, и како да почнам сам за себе да живеам.
Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог и психотерапевт од Психотерапика
Здраво,
Кога читам за твојата ситуација и твоето прашање, станувам свесна дека денес младите многу порано имаат потреба да си ја зајакнат самодовербата и вратат самопочитта. Од она што ми раскажуваш, јас слушам дека имало доста отсутност, незаинтересираност но и доста контрола и критика во твоето семејство.
Поточно, имало еден пренос на незадоволство од појакиот на послабиот. За жал ти си бил тој, во најмалку моќна позиција да одговори и се спротивстави, па дури и ја прекине таа своевидна критика и контрола која многу повеќе зборува за нив, отколку за тебе.
Ти носиш една перспектива дека сè тоа што си го доживеал е поврзано со тебе, и така е навистина кога децата растат со одредено разочарување и незадоволство да мислат дека и самите придонеле кон истото, дека се виновни затоа што родителите не им се снајдени во животот, или не успеале онаму каде што сакале да успеат. Тоа се одразува и на твојата самодоверба во однос на изборот што го правиш, кој наместо да е твој и да го поседуваш, некако доживуваш дека е нивен и контролиран од нив.
Навистина е тешко да си на едно место во кое не сакаш да направиш движење за себе, поради тоа што на некој начин бараш постојано потврда и одобрување од твоите родители… Тоа за жал можеби никогаш нема да дојде на начин на кој го очекуваш. Тука, најчесто и сите ние заглавуваме, стоејќи и гледајќи во нешто што можеби никогаш нема да го дочекаме, трошејќи време и енергија неповратно, наместо да ги пренасочиме на нашето „Јас сакам“, „Јас можам“, „Мене ми е потребно“.
Децата кои се растени во одредена фрустрација знаат што значи да се спротивставуваш и да се бориш, и не дека они само стојат по страна и чекаат другиот да ги издефинира, само понекогаш изгледа дека работите би биле поубави да се поинаку, и копнежот неостварен е она што ни ги поматува сметките. Тој нè тера да мислиме дека немаме, наместо да погледнеме во она што веќе го имаме.
На 18 години, ти си веќе влезен во процесите на осамостојување од семејството, започнуваш да размислуваш повеќе на себе, наместо да се грижиш за нив постојано… А, кога ми се појави прашањето што те спречува да ги следиш тие движења на осамостојување, ми стана јасно дека веројатно стравуваш дека ќе останеш и без нив нивната поддршка, и дека ќе останеш сам во она во што веруваш и правиш, сам во своите битки, во своите остварувања и успеси. Да си сам, не е многу едноставно и лесно, посебно деновиве кога некако сите сме изолирани и повлечени едни од други и многу тешко можеме да си најдеме и дадеме поинаква поддршка од онаа што ја имаме во непосредна близина. Понекогаш и најлошото друштво е најдоброто друштво. Така и со твојата поврзаност со родителите, кои ем ти требаат ем те вознемируваат и не ти дозволуваат да го направиш она што сакаш.
Затоа ќе ти поставам неколку насоки и прашања на кои би можел да рефлектираш со цел да пронајдеш некои одговори за себе и она што те окупира:
- Кои се моите потреби и барања: Дали знаеш што сакаш за себе во овој период од животот? На пр. Замисли дека немаш никакви ограничувања од овие за кои ми зборуваш, и ги имаш најидеалните услови во кои се развиваш. Дали ти е појасно што е тоа што посакуваш за себе? На пр. Како сакаш да се чувствуваш за 5 години во однос на оваа ситуација што ја споделуваш ? А за еден месец? А утре? А денес? А сега?
- Застапување на себе и себе-одговорност: Дали знаеш како тоа да си го побараш или да си го земеш? Дали ти е јасно кога е твојата улога и која одговорност ја имаш кога посакуваш нешто за себе?
- Поддршката која ја имам, не она која недостасува: Дали си ја познаваш целата поддршка која ти помага да го земеш тоа што е твое? Кои други луѓе ги имаш околу себе кои ти даваат одредено чувство на важност? Можеби си имал такви луѓе и порано, иако можеби не се повеќе живи?
- Лично и реално искуство: Дали имаш некакво претходно искуство во правење на работи по свое, на задоволство од работите кои се твои? Какво е тоа искуство, опиши го…
- Дозвола за несогласување не е напуштање или отфрлање: Што најлошо може да се случи кога твоите не се согласуваат со тебе, или не го потврдуваат твојот избор? На овој начин ќе погледнеш во своите катастрофични убедувања кои најчесто се детски фантазии отколку реалност. Нивната намена е да не плашат, а кога сме доволно уплашени тогаш најлесно може да не контролираат. Значи не не контролираат родителите толку колку што не контролираат нашите катастрофични убедувања кои се резултат на еден постојан однос порано, но кој живее и денес во се она што го правиш, затоа што сеуште не си осамостоен од нивната поддршка и волја.
- Истражување на забраните и критиките кон себе: Кои се забраните или критиките кои си ги кажуваш сам на себе? Напиши ги на лист хартија, и само провери колку се твоите забрани а колку се забрани на некој друг? Ако се твои забрани, обиди се да разбереш зошто ти се потребни, на кој начин они тебе те дефинираат, и провери дали сакаш така да продолжи. Ако се туѓи забрани, повторно напиши ги на лист, стави ги во коверт и стави ги по страна. На пликот напиши, не е твое да чачкаш…Секогаш кога ќе ја осетиш забраната, провери во пликото дали ја имаш ставено, ако е некоја ново, повторно одлучи дали е твоја или не. Ако не, врати ја во пликото. Ако е да, види каква логика има за тебе и дали сакаш да ја промениш.
- Враќање на проекцијата: Од сето она што го доживуваш, што е она што навистина е твое и си го стекнал со искуството, а што е она што можеш многу лесно да им го вратиш ним? Што би можел да им вратиш и да има кажеш: Ви благодарам, доволно верував во ова и доволно ми беше изговор за јас да се видам што вредам? Напиши им писмо и стави им листа во која им враќаш и излистуваш случки, работи, чувства, процеси кои сметаш дека не се твои, туку нивни проекции.
- Поинаква стратегија на одговор на ситуацијата: Како ти придонесуваш преку своите реакции или оправдувања да ја продолжиш и оправдаш нивната приказна? Дали имаш ти некаква корист од драмата што се креира околу тебе? Што можеш да направиш поинаку со кое ти би се чувствувал комотен? Ако треба да смислиш друга стратегија со која не би се довел во ситуација на фрустрација, која би била таа.
- Прифаќање на нивните приказни без силна инволвираност: Дали знаеш од каде доаѓа нивната недоверба? Како они го поминале животот за да генерираат толку недоверба/отсутност и критика кон нешто што им е најважно во животот- Ти? Стави го фокусот на работите кои се изворни наместо да се местеш на место на дежурен виновник? Можеби имаш тенденција нив да им олесниш, доколку живеете во постојано незадоволство… Но навистина нема потреба да се жртвуваш себе си за љубов која можеби нема да ја добиеш онаква каква што ја посакуваш.
- Почит за себе си: На кои начини ти се почитуваш себе си… Приказната секогаш започнува од значење кое го градиме за себе си, нели? Ти си во возраст каде многу појасно го гледаш своето значење во светот и за другите. Какво значење ти би сакал да бидеш за себе и за другите? На кој начин ти би можел да придонесеш пон подобро разбирање и адресирање на работите? Дали тоа го правиш, или и за тоа ти треба дозвола.
- Совет за себе: Како би посоветувал свој пријател доколку дојде со истото прашање кај тебе? Напиши го советот. Потоа запрашај се што те спречува тебе да го спроведеш истиот тој совет кој би му го дарил.
- Да се изрази фрустрацијата/лутината – Најди побезбеден и посоодветен начин да ги изразиш сопственото несогласување и лутина. Како можеш се да ја извентилираш насобраната лутина во себе која некако се плашиш да им ја донесеш? Напиши неколку работи кои би те успокоиле доколку ги направиш? Честопати, заглавени со погледот во уважувањето кое толку силно ни е потребно генерираме огромна фрустрација и лутина, која не си ја дозволуваме со цел да не ги поматиме односите од кои зависиме.
Искрено се надевам дека преку овие рефлектирачки позиции и прашања ти искреирав доволно провокација да се позанимаваш со себе и своите потреби отколку со нив и нивните потреби. Ти посакувам радост во процесот на ослободување, сила и храброст да се видат работите на поинаков начин и да се видиш и прифатиш себе си, својот капацитет, автентичност и единственост.
Оваа активност е поддржана од Светската здравствена организација, со финансиска помош од Европската Унија во рамки на Заедничкото делување на ЕУ и СЗО во однос на зајакнување на флексибилноста на здравствените системи во земјите од Западен Балкан при имплементацијата во Република Северна Македонија.