Постоечките вакцини би требало и понатаму да ги штитат луѓето кои ќе се заразат со Омикрон сојот од посериозен развој на Ковид-19, соопштија експерти од Светската здравствена организација (СЗО).
Овие информации доаѓаат откако научната јавност изрази сомнеж дека ќе постои многу голем пад во тоа колку успешно антителата кои ги создаваат вакцините можат да се справат со новата варијанта.
Сепак, директорот за итни ситуации на СЗО, д-р Мајк Рајан, вели дека нема знаци дека Омикрон поуспешно ќе ги избегнува вакцините од другите соеви, пренесува Би-Би-Си.
„Имаме високо ефективни вакцини, кои се покажаа ефективни против сите варијанти досега во поглед на сериозна болест и хоспитализации, и не постои причина да очекуваме дека тоа нема да продолжи и со Омикрон“, рече Рајан.
Тој додава дека првичните податоци покажале дека Омикрон не предизвикува посериозна болест отколку Делта варијантата и другите соеви на коронавирусот.
„Ако ништо друго, правецот во кој се движи е кон поблага болест“, објасни Рајан.
Нова студија во Јужна Африка, која сe` уште не е рецензирана од научната заедница, открива дека вакцините на Фајзер создаваат 40 пати помалку неутрализирачки антитела против Омикрон, отколку против оригиналната варијанта на Ковид-19.
Но, способноста на Омикрон да ги избегне антителата е нецелосна, смета професорот Алекс Сигал, виролог од Африканскиот институт за здравствени истражувања, кој ја предводел студијата. Тој вели дека резултатите, засновани на крвната слика од 12 пациенти, покажуваат подобри резултатите од тоа што очекувал.
Сигал додава дека вакцинацијата, комбинирана со претходна инфекција, и понатаму може да ја неутрализира новата варијанта. Ова сугерира дека бустер-дози може да бидат од голема корист.
Во следниве неколку денови се очекува да бидат објавени повеќе научни податоци за тоа како вакцината на Фајзер се справува со Омикрон сојот. Досега нема доволно податоци кои би покажале колку вакцините на другите производители се делотворни против новата варијанта.
Омиркон е сојот кој има најмногу мутации на коронавирусот досега. Првично беше регистриран во Јужна Африка, а во меѓувреме се прошири во преку 30 земји низ светот.