„Маса“ е името на изложбата на графики и колажи на Давор Кешќец која на 10 декември (петок) од 20 часот ќе се отвори во Отвореното графичко студио во Музејот на Град Скопје.
Кон изложбата, рецензентот Атанас Т. Ботев вели дека Кешќец е еден од најактивните млади уметници на македонската ликовна сцена. Досега има остварено неколку самостојни и групни изложби, а во последниве неколку години е особено активен на полето на ѕидното сликарство. Неговите препознатливи мурали ги красат бројни локации низ градов.
„Малку познат факт е дека Кешќец по вокација е графичар. Во Отвореното графичко студио за првпат ќе се претстави со серија на графики насловена ‘Маса’. Станува збор за графики работени во длабок печат (акватинтна и бакропис – техники исклучително податни за неговиот педантен, минуциозен пристап). Стилизираните човечки фигури имаат секундарна улога во неговите фасетни композиции. Лајтмотив е масата, дел од мебелот на кој ретко обрнуваме внимание а секојдневно го користиме во најразлични ситуации. Во случајот со Kешќец, масатa има значајна улога не само како работна површина врз којашто ги создава своите дела туку и како неизоставен елемент во социјалната интеракција – деноноќните дружења со колегите од студентските денови како и бројните вечерни седенки со музичарите од бендот Д’ Далтонс во кој членувал неговиот татко, одиграле клучна улога во неговите формативни години како личност и творец“, пишува Ботев.
Тој додава дека масата е важен сценски реквизит во филмот „Кафе и цигари“ на Џим Џармуш – режисер кого Кешќец го посочува како голема инспирација. Филм, рокенрол, pin up, поп арт – тоа се само дел од влијанијата кои Давор Кешќец страствено и истрајно ги инкорпорира во своите слики, графики и мурали.