Радио МОФ повторно ја отвори платформата за психолошко советување, каде лиценцирани психолози/психотерапевти дадоа стручно мислење на конкретни прашања што ги поставија нашите читатели. Нивните одговори ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.
Причини и решенија за емоционално јадење. Дали постојат вежби кои помагаат со ова?
Одговара: Павлина Михајловска, лиценциран психолог и психотерапевт
Здраво,
Имам многу малку информации за твојот контекст, но ќе се обидам да ти одговорам најконкретно што можам. Кога веќе го користиш терминот емоционално јадење, претпоставувам дека доживуваш епизоди на јадење или прејадување во функција на наоѓање утеха и прибежиште од непријатни емоции.
Тоа е еден вид несвесен механизам на одбрана од непријатни емоции. Причините може да бидат најразлични, некогаш посегнуваме по храна како утеха кога сме под стрес, некогаш кога се чувствуваме лошо или депресивно, некогаш кога не гледаме смисла, некогаш кога чувствуваме празнина која се обидуваме да ја пополниме. Но, циклусот е скоро секогаш ист: тригер (некоја непријатна емоција) – неконтролирана желба за јадење – јадење повеќе од што ни е доволно или јадење нездрава храна која ни е забранета- чувство на вина зошто сме се прејале или сме јаделе тоа што не треба и чувство на немоќ.
Генерално посегнуваме по храна бидејќи кога јадеме се лачи допамин, еден од „хормоните на среќа“. Постојат и други активности со кои се продуцира допамин или некој од останатите „хормони на среќа“ (серотонин, ендорфин, окситоцин), како на пример спиењето, вежбањето, смеењето, гушкањето, играње со деца или со миленичиња, медитација, пливање, трчање, возење точак, завршување обврски, прославување, престој на сонце, престој во природа и сл.
Во психологијата посегнувањето по храна и сон како механизми на одбрана ги третираме како едни од најпримитивните механизми на одбрана. Кога велам примитивни мислам на стари, што укажува на тоа дека кога човек несвесно посегнува по нив, значи дека неговите его снаги се исцрпени или ситуацијата со која се соочува ги надминува неговите капацитети за справување, па мора несвесно да посегне кон тоа што уште од многу одамна, уште кога човековата врста била на понизок степен на развој (когнитивен, емоционален, социјален и сл), луѓето го користеле.
Имајќи ја во предвид твојата возраст, сакам да ти кажам дека само според годините кои ги имаш имаш право да бидеш во криза, бидејќи се тоа бурни години во кои се минуваат многу развојни кризи. А сите сме биле некогаш млади и знаеме дека животот не нè прашува што сме спремни да ни донесе, туку ни носи содржини кои кај нас може да предизвикаат и ситуациони кризи. Нема млад човек на твоја возраст, без анксиозност, несигурност, немање капацитет за справување со кризи, ниска самодоверба, преосетливост на критики, туѓо мислење, стравови и слично.
Ако добро разбрав девојка си. Не знам дали имаш и проблеми со тежината, покрај емоционално јадење. Би те советувала да не игнорираш симптоми врзани со исхрана, бидејќи на твоја возраст се случува еден значаен процес – развивање здрав однос кон сопственото тело, кој е многу тежок и проблематичен во светов во кој живееме, посебно за девојчиња кои трпат поголем притисок во однос на изгледот од момчињата. И психосексуалното зреење како процес тече на твоја возраст и тоа не ги олеснува работите, напротив ги комплицира на план постигнување и прифаќање на здрав однос кон сопственото тело.
Спомнуваш „искуство со лоши тренери, психички булинг од нивна страна“. Не знам за какви тренери станува збор, можеби се тоа фитнес тренери, ама како и да е булинг е неприфатливо во било која област, а најмалку кон малолетници. Би ти рекла да најдеш поддршка во возрасен, некому кому ќе му се довериш за тие искуства, за да може да те посоветува за чекорите кои можеш да ги превземеш посебно ако како малолетно лице си доживеала булинг од возрасен. До 18 години по закон се водите како деца и законот ве штити, немаш потреба тоа искуство да го носиш сама на плеќи, а и никој не очекува сама да се снајдеш.
Девојчињата повеќе од момчињата се склони кон развивање на проблеми со исхраната, па дури и животно загрозувачки состојби како анорексија и булимија. Затоа би те советувала да бараш помош кога чувствуваш дека ти треба, да најдеш некој кој ќе те води низ процесот на ослободување од тензијата која е причина за симптомите, како и некој кој ќе те води во препознавање на емоциите кои ги доживуваш, задача која на ниедна возраст не е лесна, а најмалку на твојата, кога на човек развојно му недостигаат вештини и искуства.
Прашуваш за техники за справување со емоционално јадење. Во две насоки се движат интервенциите: преземање активности за намалување на тензијата која ја создаваат насобраните неидентификувани емоции и идентификување и справување со непријатните емоции.
За првата цел може да послужат и активности кои ги набројав погоре во текстот, зависи што ти годи и во што уживаш како личност, а за идентификување и справување со непријатните емоции би ти препорачала психотерапија, тоа е малку подолготраен процес за кој ќе треба да најдеш психотерапевт кој чувствуваш дека ти одговара и со кој можеш да работиш.
Се надевам дека нешто од ова ќе ти послужи како насока за дилемите кои ги имаш и ти посакувам успех понатаму во животот.
Оваа активност е поддржана од Светската здравствена организација, со финансиска помош од Европската Унија во рамки на Заедничкото делување на ЕУ и СЗО во однос на зајакнување на флексибилноста на здравствените системи во земјите од Западен Балкан при имплементацијата во Република Северна Македонија.