Општините да обезбедат младински центри – апели да не чекаат краен рок

Речиси две години поминаа од донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики, со кој им се наложува на општините да отворат барем еден младински центар. Тие имаат уште три години рок за да го направат тоа, но засега, само во една општина има функционален младински центар. Тој е во Кавадарци.

Генералниот секретар на Сојузот за младинска работа, Драган Атанасов, денеска на прес-конференција ги потсети градоначалниците да ја исполнат оваа обврска во своите мандати и да го поддржат функционирањето на младинските центри.

Откако Законот беше донесен во јануари 2020 година, во април годинава Агенцијата за млади и спорт го усвои Правилникот за стандарди и квалитет на младински центри, кој беше подготвен од Сојузот за младинска работа.

Па така, општините се должни да го обезбедат просторот за младинскиот центар и средства за негово тековно одржување, но и да вложат средства за годишната програма што би се спроведувала во центарот. Во нив, би била вклучена и платата на најмалку еден вработен младински работник со целосно работно време.

„Нашата препорака како Сојуз за младинска работа е општините да издвојат минимум 600 000 денари годишно за функционирање на младинските центри, односно на програмскиот дел“, посочи Атанасов, истакнувајќи дека ова е клучен период од годината кога се планира буџетот за 2022 година.

На младинските организации, пак, им порача да не прифаќаат помалку од тој износ, бидејќи како што посочи нема да може беспрекорно да се спроведе програмата. Воедно, Атанасов упати апел до општините да не го чекаат крајниот рок за отворање на овие центри.

Според Законот, општината доделува простор на младински организации кои ќе се пријават преку јавен повик, во времетраење од три до пет години. При тоа, вложува од 50 до 70 отсто од буџетот за спроведување на програмата.

До каде е отворањето на младинските центри

Младинскиот работник Ѓорѓи Лазов се вклучи директно од просториите на младинскиот центар во Кавадарци. Таму е од јуни, 2020 година. Него го раководат две младински организации кои заеднички се пријавиле на јавниот повик. Во просторите на центарот, тие нудат слободни активности, едукативни работилници, конференции…

Лазов е задоволен од досегашниот одзив на младите во неговиот град.

„Во текот на овие шест месеци во кои работам, пријатно сум изненаден што всушност доаѓаат многу млади секојдневно. Мислам дека во овие 6 месеци имаат дојдено отприлика можеби над 200 млади. Не доаѓаат сите во исто време се разбира, но доаѓаат на сите разни активности и работилници“, истакна тој.

Младите овде имаат на располагање драмски клуб, уметничко катче, часови по гитара и по турски јазик. Покрај ова, во рамки на центарот функционира и младински клуб од 12-тина млади кои организираат некоја волонтерска активност во градот.

Во дискусијата се вклучи и советникот Сашо Мошев од Општина Кавадарци, кој информираше дека просторот им го отстапиле на младите во времетраење од три години.

Сега, пак, се во дискусија за новиот буџет на центарот за 2022 година, кој планираат да го удвојат за како што рече тој, младите напречно да функционираат. Сепак, Мошев посочи и на одредени потешкотии со кои се пресретнале при формирањето на центарот.

„Би сакал да истакнам, за формирањето на другите младински центри, доколку може од страната на Агенцијата млади и спорт да се обезбеди правна помош во делот на донесувањето на одлуката и формирањето на центри, бидејќи ние се соочивме со таков проблем. Во Законот не е убаво дефинирано како и на кој начин би се формирале овие центри“, рече тој, нудејќи се да сподели искуство.

Во меѓувреме, процесот за формирање младински центар го започнале уште неколку општини како Куманово, Пробиштип и Велес. Но, како што истакна Атанасов од Сојузот за младинска работа, сè уште се неопходни дополнителни чекори. Ги повика тоа да го исполнат во најбрз можен рок.

Кај нив веќе е наменет просторот , но не е објавен јавен повик за организација што ќе го управува и не се издвоени буџетски средства за финансирање на програма во центарот.

Во име на Агенцијата за млади и спорт се обрати Стефан Степаноски, кој истакна дека тие донирале опрема за четири младински центри, а обезбедиле средства за опремување на дополнителни 20 младински центри во наредната година.

И тој апелираше општините да не чекаат краен рок за да ги отворат младинските центри, туку тоа да го направат што поскоро.

Марија Крстевска, претседателка на Националниот младински совет, пак, ја истакна важноста за постоење на вакви центри.

„Едно од основните права на младите е да имаат безбедни простори каде ќе може да ги развиваат своите компетенции и да се градат како активни граѓани. Верувам дека токму овие безбедни простори за младите ќе помогнат во деконструирање на наративите на осуда, говор на омраза, нетолерација и насилства, а ќе придонесат за професионален развој на младите, како и градење подобро општество за сите“, истакна таа.

Според неа, достапни и пристапни физички или виртуелни простори може да им помогнат на младите да се чувствуваат ценети и да ги унапредуваат нивните когнитивни, емоционални вештини при транзиција во светот на возрасните.

Е.П.