Радио МОФ повторно ја отвори платформата за психолошко советување, каде лиценцирани психолози/психотерапевти дадоа стручно мислење на конкретни прашања што ги поставија нашите читатели. Нивните одговори ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.
Бруцош сум (почетник) на факултет, откако се запишав почнав да станувам нервозна, лесно избувлива. Дојдоа колоквиумите и покажувам неуспех поради навиките кои ги изгубив од онлајн учењето. Сè е ново и тешко прифатливо за мене. Како да ја смирам нервозата и анксиозноста, како да го прифатам новиот пат по кој почнав да чекорам?
Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт
Наполно го разбирам твојот проблем со кој се обраќаш. Мислам дека не познавам некој на кому веќе не му е преку глава од целото онлајн функционирање. И кој повеќе, кој помалку, сите на овој или оној начин се сочуваме со некакви симптоми на исцрпеност од виртуелните контакти.
Симптомите на анксиозност се доста честа појава кога се прави голема транзиција во животот, а почетокот на студиите е секогаш голема животна промена. Но, она што го забележав од формулирањето на твоето прашање е некоја неодлучност или потешкотија да ги прифатиш настанатите промени. Затоа најпрво би те охрабрила наместо да се бориш со сопствената анксиозност, да се охрабриш себе си да и погледнеш во очи и да се запрашаш себе си што е тоа што ти претставува најголема потешкотија да ја прифатиш настанатата промената? Што лежи во коренот на таа анксиозност, бидејќи истата како да е резултат на некој подлабок отпор кој го носиш.
Во твојот допис велиш дека изборот на студиите си го направила сама по сопствена желба, така што претпоставувам дека отпорот не е поради избраниот факултет. Неретко ваквата анксиозност е поврзана со некој конкретен страв, честопати страв дека нема да ги исполниме очекувањата кои ги имаме за себе, независно дали тие доаѓаат од другите или од нас самите. Затоа би те охрабрила следно да се запрашаш какви имаш ти очекувања за самата себе како студентка? Кога се гледаш себе си како студентка каква слика креираш за себе? Во кои нешта и во колкава мера оваа слика се разликува од она што фактите го кажуваат за тебе во овој момент? Во кои области забележуваш најголема дискрепанца? И согласно на тоа, што би можела да направиш за овие две слики да ги приближиш една до друга што е можно повеќе?
Откако јасно ќе погледнеш во дискрепанцата на очекуваањата кои ги имаш креирано за себе, неопходно е истите да ги „заземјиш” и да провериш колку се тие реални и остварливи. Сè убаво звучи во теорија, но во реалноста не секогаш ни цветаат рози секој ден. Затоа за да направиш добро заземјување на своите очекувања и нивна проверка во реалноста неопходно е да погледнеш во сите ограничувања со кои во моментов се соочуваш во пракса на секојдневно ниво. За жал, неретко желбите говорат едно, но фактите раскажуваат нешто сосема друго.
Откако ќе погледнеш во своите ограничувања, следно запрашај се кои нешта ги имаш на располагање како ресурси, независно дали тоа се конкретни личности, добра или услови кои ги имаш на располагање. Кои се нештата кои можат да ти помогнат и да те поддржат во доближувањето што поблиску до посакуваната слика за себе?
На крај погледни во тоа кои се конкретните промени кои е потребно да ги направиш за да на надминеш оваа дискрепанца? И како истите можеш да ги претвориш во конкретни остварливи акции преку преземање на конкретни чекори?
Откако ќе ги осмислиш конкретните чекори, обиди се истите временски да ги распределиш. Би те советувала да не почнуваш со обид за реализација на сите чекори истовремено. Наместо тоа, почни со еден кој прв ќе го избереш и посвети му се целосно. Не започнувај со следниот сè додека не се чувствуваш сигурна дека си го апсолвирала предходниот. Вообичаено се потребни од 21 до 28 дена за одредена промена која сакаме да ја направиме не ни прерасне во навика и не почнеме да ја правиме по автоматизам.
Навиките за жал многу полесно се губат отколку што се создаваат, но верувам дека целава оваа анализа ќе ти помогне да увидиш кои нови навики сакаш да ги креираш за себе во периодот кој ти претстои. Ти посакувам многу успех во реосмислувањето и растењето на добрите практитки за себе.
Оваа активност е поддржана од Светската здравствена организација, со финансиска помош од Европската Унија во рамки на Заедничкото делување на ЕУ и СЗО во однос на зајакнување на флексибилноста на здравствените системи во земјите од Западен Балкан при имплементацијата во Република Северна Македонија.