Инцидентот каде што медиумските работници повторно беа оневозможени да следат настан е уште еден доказ дека конечно е време некој да преземе одговорност за попречување на работата на новинарите, реагираат од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
Настанот се случи во просториите на Медицинскиот факултет во Скопје, за време на јавна расправа за законот за легализација на канабис. Како што известуваат новинарските екипи на „Утрински брифинг“ и „Слободен печат“, организаторот одбил да ја почне расправата се додека екипите на овие на медиуми не ја напуштат просторијата.
ЗНМ повикува на расветлување на деталите во врска со овој инцидент од страна на надлежните институции и бара почитување на правото на информирање на граѓаните, посебно кога станува збор за јавни расправи како горнаведената.
„Според Кодексот на новинари, новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Ако новинарот е спречен да дојде до бараната информација има право за тоа да ја информира јавноста“, се вели во реакцијата на ЗНМ.