[Фото] Прогласени победниците на „Trash Fashion“ – средношколци изработија еко креации инспирирани од фолклорот

Средношколците Васвије Мемедова, Бенита Мемедова и Алев Селманова од СОУ „Ванчо Прке“ – Виница, под менторство на професорката Даница Постолова, го освоија првото место на годинешниот натпревар „Trash Fashion“, кој се одржа вчера во Кинотека.

Тема за изработка на моделите за овој натпревар годинава беше: „Модерна традиција – реконструкција на народни носии или традиционални облеки од Република Северна Македонија“.

Во таа насока, во дизајнот и изработката на костимите, средношколците можеа да црпат инспирација од традиционалните носии, везови и бои од сите народности кои живееле или живеат во земјата, но со вметнување и на нови, современи обележја кои се уникатни.

Второ место на натпреварот освоија средношколците од СОУ „Нико Нестор“ – Струга со нивната креација „Клеопатра“. Наградениот тим го сочинуваат средношколците Александра Попоска, Аида Беќироска и Анастасија Крстеска, под менторство на професорката Ивана Стојанова.

Трето место, пак, освоија средношколците од ССОУ „Киро Бурназ“ – Куманово. Тимот составен од Меланиа Стојмановска, Ангела Станишковска и Анастасија Пешевска, а под менторство на професорката Данијела Митиќ ја освоија наградата за нивната креација „Црвено-бела божица“.

На натпреварот беше доделена и специјална награда на СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп за креацијата „Дојрана“, на која работеа средношколците Јана Јованоска, Сања Дамеска, Мери Дамеска и Теона Крстевска, под менторство на Марта Макеска и Мелита Поп Антоска.

Годинава, натпреварот Trash Fashion одбележа 10 години јубилеј. Идејата на оваа манифестација е да ги поттикне средношколците да бидат креативни изработувајќи модни креации така што ќе научат за вредноста на предметите кои најчесто се сметаат за „ѓубре“ или „отпад“ и за нивното влијание врз животната средина.

Оваа десетгодишнина, организаторите ја прославуваат со изработени преку 500 модели и модни додатоци, реупотребени преку 25 тони отпад, учество на над 430 наставници и над 2000 ученици од 92 средни училишта низ Северна Македонија.